Во ковид центрите се лекуваат 843 пациенти, има слободни легла
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Mинистерството за здрвство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 843 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
– По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 79 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 65 пациенти – се вели во соопштението.
Оттаму ја соопштија и состојбата во другите ковид центри, па така на инфективното одделение во Тетово има 39 пациенти, во Велес се лекуваат 57 болни, а во Куманово 116 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 105 пациенти, во Прилеп 123, во ковид центарот во Гостивар 61, а во Струга 36 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 68 пациенти, во Кочани 18, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 17 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.
– Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1286 и има околу 160 празни болнички кревети во ковид центрите – велат со министерството.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
– Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени – се вели во соопштението.