Во Кина анални брисови за дијагноза на коронавирусот
Со дополнителните тестови како брисовите од аналниот отвор може да се избегнат лажно негативните резултати бидејќи траги на вирусот во примерок од фекалии остануваат воочливи подолг период отколку што тоа е случај со респираторните брисови
Некои кинески градови користат примероци од анус за детектирање на потенцијална зараза од коронавирусот, додека Кина се обидува да ги открие сите зарзаени во регионалните жаришта во пресрет на лунарните новогодишни празници.
На маж од Веинан земен му е брис од грло откако развил симптоми на кашлица и губење на апетитот, а резултатите на коронавирусот биле негативни. Но, тој бил позитивен на брисовите од нос и од анус, вели надлежен од градот.
Аналните брисови се изведуваат со вметнување на памучно стапче три до пет сантиметри во анусот, кое потоа треба нежно да се врти. Анални брисови се земени од 1.000 учители, персонал и ученици во основно училиште во тој град откако е регистриран случај на коронавирус. Воедно земени им се брисови и од уста и од нос.
Со дополнителните тестови како брисовите од аналниот отвор може да се избегнат лажно негативните резултати бидејќи траги на вирусот во примерок од фекалии остануваат воочливи подолг период отколку што тоа е случај со респираторните брисови, вели Ли Тунгзенг, лекар за респираторни и заразни болести за кинеската државна телевизија. Тој додал дека тие примероци се нужни само за клучни групи на луѓе, како тие кои се во карантин.
Тестирањето на столицата може да биде поефикасно од респираторните тестови на коронавирусот кај децата и новороденчињата бидејќи тие имаат поголема присутност на вирусот во изметот од возрасните, објавиле лани истражувачите од кинескиот универзитет во Хонг Конг.