ВО КАРПОШ СЕКОЈ Е ВАЖЕН Весковски ветува проекти за сите жители на општината
Кандидатот за градоначалник на Карпош вели дека во фокусот на неговата програма се сите граѓани.
Ние ќе се фокусираме на секој индивидуален граѓанин и целни групи на граѓани во нашата општина, вели Душко Весковски, кандидат за градоначалник на Карпош на коалицијата на СДСМ.
– Отвораме нов Младински центар, Креираме локална младинска стратегија, отвораме Канцеларија за млади, буџет за млади, субвенционираме еколошки превоз за млади, електронски уреди, Карпош ФИТ, стипендии за најдобрите ученици и поддршка на практичната работа, стипендии за ученици од семејства во социјален ризик и еднородителски семејства – вели Вескоски.
Тој наведува дека има проекти за децата од предучилишна и училишна возраст.
– Преку обезбедување и одржување здрава средина за раст, развој, отвораме можности за образование во современо опремени училишта и нивна подготовка за продолжување на средното образование според сопствен избор, квалитети и афинитети – вели тој.
Весковски ветува доследна примена на државните политики за родова еднаквост и верификација и признавање на квалитетите, заложбите и успесите на жените во Општина Карпош, преку формирање на Совет на жени и поддршка на жените од ризични групи, особено олеснување на секојдневниот живот на самохраните мајки со изготвување и спроведување проекти во соработка со НВО што се занимаваат со оваа проблематика.
Во неговата програма акко што изјави има проекти и за лица во социјален ризик и лица со попреченост.
– Обезбедуваме поддршка и помош за овие лица, во соработка со државните институции, Црвениот крст, невладини организации и други засегнати страни. Создаваме услови за Карпош да биде најинклузивната општина во Скопје и пошироко, како и можности за нивна интеграција и социјализација во сите општествени процеси- вели тој.
За пензионерите и ветераните ќе се формира Форум на пензионери пеко кој редовно ќе се комуницира со цел, дел од нивното искуство да се примени во креирањето на политиките што ќе ги спроведува Општината.
– Обезбедуваме постојана финансиска поддршка на наставниците, за обезбедување нагледни материјали и дигитални алатки, за учество на обуки и семинари, за подготвување и поднесување апликации за грантови за реализација на проекти за унапредување на образовниот процес. А за културните работници кои се нашиот прозорец кон светот, креаторите на трајни вредности ќе формираме Општинскиот центар на културата – вели Весковски.
Тој најавува и проекти за претприемачи и бизнис-секторот.
– Мотото кое ја води оваа активност е „Бизнис од Карпош, за Карпош“, обезбедуваме широка платформа за поддршка на претприемачите и бизнис-секторот во Општината и нивно партнерско вклучување во креирањето и спроведувањето на нашите политики. Формираме Деловен развоен центар – вели Весковски.