ВО ИГРА СЕ ПОВЕЌЕ ЛОКАЦИИ ЗА ГАСНИ ЦЕНТРАЛИ Владата преговара со неколку можни инвеститори
Владата е во преговори со уште неколку странски инвеститори за енергетски проекти.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува да се прецизираат локациите за изградба на гасните централи и процесот на преговори да продолжи.
– Во игра се неколку локации. Во Скопје има неколку локации, исто така и во Куманово, Тетово, Гостивар, во поголемите градски средини. Нормално, тука се исто така и останатите, имајќи предвид дека во Битола, ќе се затвори проблемот со затоплување, бидејќи се завршува проектот за топлификација од РЕК Битола – рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање, во врска со меморандумот со „Казанџи груп“.
Премиерот рече дека Владата е во преговори со уште неколку странски инвеститори за вакви проекти.
– Ни остануваат Прилеп, Велес, Штип, Струмица, Кавадарци… Но, покрај „Казанџи“, веќе сме во преговори со уште неколку други потенцијални инвеститори за инвестирање во ваков тип проекти – додаде Мицкоски.