ВО ХРВАТСКА ПОЧНА ДА СООБРАЌА ПРВИОТ БАТЕРИСКИ ВОЗ Може да помине 200 километри со брзина од 120 километри на час
Батерискиот воз има 113 места за седење и 114 места за стоење, места за велосипеди и бесплатен интернет.
Од денеска, првиот воз на батерии превезува патници на хрватските железници. Произведен е од Кончар, ќе се користи за превоз на патници на неелектрифицираната железничка мрежа, а ќе се напојува со батерии кои се полнат исклучиво на станиците за полнење во Бјеловар, Вировитица, Осиек, Вараждин, Пула и Сплит, објави Тпортал.
– Автономијата на возот е околу 200 километри, а заедно со овој проект се изградени шест станици за полнење на батериите. Овој воз ќе сообраќа во Сплит и неговата околина – изјави министерот за море, транспорт и инфраструктура Олег Бутковиќ.
Возот на батерии го произведе компанијата „Кончар“ како дел од проектот Примена на зелени технологии во железничкиот патнички превоз, кофинансиран од Националниот план за закрепнување и отпорност, со вкупна вредност од 17,1 милиони евра.
Батерискиот воз има 113 места за седење и 114 места за стоење и може да достигне брзина од 120 километри на час. Возот е опремен со рампи за влез и излез на лица во инвалидски колички, простор за велосипеди, аудио-визуелен систем за информирање на патниците и видео надзор, а на патниците во возот им е обезбеден бесплатен пристап до интернет.
По првото возење, возот редовно ќе сообраќа на релацијата Вировитица – Бјеловар – Вировитица, а во средината на декември, по завршувањето на станицата за полнење на батериите на станицата Сплит Предграде, ќе биде преместен на линијата Сплит – Каштел Стари – Сплит.