ВО ГРЦИЈА ИЗГОРЕ ПОВРШИНА КОЛКУ ЦЕЛ ЊУЈОРК Ова е најголемиот пожар во историјата на ЕУ
Итно пошумување, грижа за преживеаните животни и заштитни бариери од поплави, се дел од мерките што ги соопшти министерот за животна средина и енергетика на Грција Теодорос Скилакакис по состанокот што го свика грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за обнова на шумите по пожарите во Еврос и на планината Парнита во областа Атика.
Шумскиот пожар во регионот Александрополи во Грција е најголем кој е регистриран во историјата на Европската Унија. За негово гаснење мобилизирани се речиси половина од воздушните противпожарни служби на Унијата, информира портпаролот на Европската комисија Балаж Ујвари.
Единаесет авиони и хеликоптер од ЕУ дојдоа на помош во гасење на огнот на северот од градот Алекандрополи, заедно со 407 пожарникари.
Од службите за граѓанска заштита на ЕУ соопштија дека во пожарот изгорела површина поголема од 810 квадратни километри.
– Овој шумски пожар е најголем во ЕУ од 2000 година, кога Европскиот информациски систем за шумски пожари започна да собира податоци – соопшти Службата.
Според грчките противпожарни единици, пожарот и натаму е надвор од контрола во североисточниот регион на Националниот парк Дадиа.
Службата за следење на климатските промени на социјалната мрежа Икс објави дека пожарот уништил најмалку 808,7 квадратни километри земјиште, што е повеќе од градот Њујорк, со површина од 778,2 квадратни километри. Во гасењето на пожарот учествуваат повеќе стотици пожарникари, вклучувајќи и пожарникари од Србија, Словачка, Чешка и Албанија.
Пожарот кој избувна на 19 август досега одзеде 20 човечки животи, од кои 18 беа тела на мигранти пронајдени во регионот кој често се користи за нелегален влез од соседна Турција.
– Знаеме дека пожарите стануваат посериозни. Доколку ги погледнете бројките за секоја од последните неколку години, се гледа тренд кој не е поволен и потребни се повеќе капацитети помеѓу земјите членки на ЕУ – додаде Ујвари.
Largest wildfire 🔥 in Europe on record ongoing in Greece 🇬🇷
Robust EU 🇪🇺 response with 12 firefighting aircraft + 100s of👨🚒 mobilised by @EU_Commission ⤵️ pic.twitter.com/PQVy48A4Uk
— Balazs Ujvari (@balazs_iravju) August 29, 2023
Грција беше погодена од повеќе пожари ова лето кои Владата и експертите ги припишуваат на климатските промени.
Итно пошумување, грижа за преживеаните животни и заштитни бариери од поплави, се дел од мерките што ги соопшти министерот за животна средина и енергетика на Грција Теодорос Скилакакис по состанокот што го свика грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за обнова на шумите по пожарите во Еврос и на планината Парнита во областа Атика, јави вчера дописничката на МИА од Атина.
На владиниот состанок станало збор за мерките што ќе се преземат за изгорените површини, но и за заштита на шумите.
– Шумската служба, со управни акти веднаш ќе ги прогласи овие површини за подготвени за пошумување. Се грижиме за дивиот свет, односно животните кои преживеале да имаат храна и вода во следните неколку месеци. И најважното, почнуваат процедури, како и за претходните пожари, за поставување заштита од корозија и поплава во погодените сливови, односно дрвени бариери и други технички проекти, кои имаат апсолутен приоритет – рече министерот за животна средина и енергетика.
Според сателитските податоци од Службата за брзо мапирање Copernicus на Европската комисија, анализирани од Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, вкупната површина изгорена од шумскиот пожар кај Еврос, односно во пожарите во Александруполи и националниот парк Дадиа, надминува 80.800 хектари заклучно со завчера напладне, а пожарот е активен веќе 12 дена.