Во градовите каде има општи болници ќе се формираат регионални „Ковид-центри“

406

Во градовите каде веќе постојат општи болници и здравствени домови ќе се формираат регионални „Ковид-центри“. Шеснаесет општини го поддржаа предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести за формирање на вакви центри како подготовка за евентуален есенски бран со ковид-19.

Целта на овие центри е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на ковид-19, без при тоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти.






Станува број за дополнителни времени капацитети, односно монтажни модуларни болници или креирање на посебни патеки и услови во некои објекти, како и лоцирање и прилагодување на одредени други капацитети кои би можеле да се адаптираат и користат како привремени ковид центри.

Во петокот, се одржа електронска средба на министерот за здравство со градоначалниците на општините Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп.

Утре продолжуваат активностите за подготовка за евентуален есенски бран на ковид, кога Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести организираат состанок со директорите на болниците во овие градови, во однос на  здравствените капацитети и техничките потреби за да се подготви соодветен навремен одговор на евентуалниот есенски бран на ковид-19 во земјава.

Поврзани содржини