ВО ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ИМА СТАБИЛНО СОВЕТНИЧКО МНОЗИНСТВО Ѓорѓиевски побара уште поголема поддршка во вториот круг

Првиот ребаланс на буџетот ќе биде насочен кон враќање на функционалноста на градот, кон капитални инвестиции, подобра инфраструктура, чиста животна средина и поддршка на јавните претпријатија кои се во сериозен колапс, најави кандидатот за градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

912

Кандидатот за градоначалник на град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ги повика граѓаните да му дадат уште поголема поддршка во вториот круг.

– Да се фатиме за работа уште од првиот ден и Скопје да почне конечно да функционира – рече Ѓорѓиевски.






Тој денеска одржа координативна средба со новото советничко мнозинство во Градот, предводено од носителот Даме Димитровски.

– На средбата разговаравме за првите наши чекори по преземањето на функцијата градоначалник, како и за најгорливите прашања што ќе бидат наш сериозен фокус до крајот на годината. Првиот ребаланс на буџетот ќе биде насочен кон враќање на функционалноста на градот, кон капитални инвестиции, подобра инфраструктура, чиста животна средина и поддршка на јавните претпријатија кои се во сериозен колапс. На Скопје и на неговите граѓани им е потребна стабилност и систематско решение на наталожените проблеми, а не експерименти, туку план, одговорност и работа. Советот ќе биде двигател на тие промени, насочен кон интересот на граѓаните – објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Тој вели дека вратата за соработка со сите советници останува отворена, затоа што верува дека вистинскиот напредок се постигнува само со обединета енергија и искрена посветеност.

– Мнозинството ќе биде водено од принципи, работа и одговорност. Секој советник ќе има свое место и улога во напредокот на градот. Верувам дека во наредните четири години, со заеднички ангажман, визија и труд, ќе го направиме Скопје повторно достоинствен град на кој сите ќе се гордееме – рече Ѓорѓиевски и додаде дека избраните советници се сериозни, посветени и докажани луѓе во својата професија.

Кандидатот за градоначалник им се заблагодари на сите граѓани за големата поддршка што ја дале за него и за советничката листа за Град Скопје.

– Вашата доверба е поттик и обврска да работиме уште посилно и поодговорно – нагласи Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини