Во Германија постарите од 65 години нема да примаат вакцина на АстраЗенека
Германската агенција за јавно здравје навела дека немаат доволно податоци за ефикасноста на вакцината меѓу таа популација, што дополнително ќе ја искомплицира имунизацијата во ЕУ.
Независната комисија препорачала вакцината на АстраЗенека против ковид-19 да не се дава на лица постари од 65 години, што според оцената на Фајненшел тајмс дополнително ќе го искомплицира веќе лошиот план за вакцинација во ЕУ.
Комисијата за вакцинација на Институтот Роберт Кох соопшти дека „нема доволно податоци за да се процени колку вакцината е ефикасна за тие кои се повозрасни од 65 години“.
Од тие причини, комисијата препорачала да се вакцинира популацијата на возраст помеѓу 18 и 64 години. Комисијата навела дека двете вакцини чија примена е одобрена од ЕУ – Фајзер/Бионтек и Модерна – се еднакво безбедни и ефикасни.
По веста од Германија, акциите на АстраЗенека паднале за 2,4 отсто.
Препораката следи во моментот кога Европската агенција за лекови треба конечно да ја одобри употребата на вакцината на АстраЗенека и среде жестокиот судир на ЕУ и компанијата за снабдувањето со вакцините. Брисел ја обвини компанијата дека го крие распоредот за испорака на вакцините, откако АстраЗенека соопшти дека Европа ќе добие помалку дози од договорените.