ВО ГАЗА НИ БОЛНИЦА НИ КАНАЛИЗАЦИЈА Турција гради 8 полски болници за да ја ублажи хуманитарната катастрофа

Египетските власти ѝ дале зелено светло на Анкара да изгради теренски болници во Ал Ариш, што се наоѓа на околу 40 километри од границата со Рафа. Во болницата Ал Шифа во Појасот Газа нема струја и вода веќе три дена, а канализацијата се излева на улиците.

119

Брод со генератори, амбулантни возила и други медицински средства од Турција денеска пристигна на пристаништето Ал Ариш, во близина на граничниот премин Рафа, меѓу Египет и Појасот Газа, по што турските медицински лица ќе почнат да градат осум полски болници.

Ова е прв ваков брод со хуманитарна помош што пристигнува во Египет по избивањето на војната на 7 октомври меѓу палестинската група Хамас и Израел.






Светската здравствена организација тврди дека болницата Ал-Шифа во градот Газа „повеќе не функционира како болница“, а слични извештаи пристигнуваат и од други установи, особено за недостигот на залихи и електрична енергија и засекогаш присутната опасност по животот поради борбите.

Неименуван турски здравствен претставник изјави дека египетските власти и дале зелено светло на Анкара да изгради теренски болници во Ал Ариш, што се наоѓа на околу 40 километри од границата со Рафа.

Инаку, хуманитарната катастрофа во Појасот Газа продолжува. Официјални лица денеска соопштија дека канализацијата се излева на улиците, бидејќи нема електрична енергија и предупредија на опасност по здравјето и на еколошка катастрофа.

Претседателот на Општина Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, Ахмад ал-Суфи истакна дека сите пумпи за отпадни води целосно престанале да работат, што доведе до излевање на канализацијата на улиците и во станбените населби и ширење на болести.

– Сега сме сведоци на влошување на еколошката состојба поради акумулацијата на отпадот на улиците во сите населби и ширењето на сите видови болести и епидемии – посочи Ал Суфи.

Во северниот дел на Газа, борбите меѓу израелските сили и палестинските екстремисти продолжуваат пред најголемата болница во Појасот Газа, поради што илјадници луѓе избегаа на југ.

Во болницата Ал Шифа нема струја и вода веќе три дена, а генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека судирите и бомбардирањето „ги влошиле веќе критичните околности“ и дека болницата повеќе не функционира како здравствена установа.

Претходно, заменик-министерот за здравство во Појасот Газам Јусеф Абу Рих изјави дека од саботата до денеска во главната болница во енклавата, Ал Шифа, поради недостаток на електрична енергија починале седум предвремено родени бебиња и 27 пациенти на интензивна нега.

Поврзани содржини