Во Европа расте незадоволството од мерките против ковид-19
Неколку главни причини предизвикуваат фрустрација и лутина кај жителите на повеќе европски земји.
Строгото заклучување, бавна кампања за вакцинација, појава на нови видови од вирусот. Овие се главните причини за фрустрација и лутина.
Холандија: Судири во врска со полицискиот час
Корона-немирите најмногу ја погодија Холандија. Во таа земја има големо незадоволство поради воведувањето на ноќниот полициски час, кој важи од минатиот викенд. Стотици насилни млади луѓе протестираа во неделата, а потоа и во понеделникот вечерта. Тие исто така ја нападнаа полицијата на улиците – во Амстердам, Ротердам и Хаг. На мета беа и новинарски екипи.
Градоначалниците на погодените градови претпоставуваат дека во немирите учествувале разни групи, вклучувајќи ги и оние граѓани кои го негираат постоењето на коронавирусот, но и фудбалските хулигани.
– Не видовме толку многу насилство во последните 40 години – рече Коен Симерс, претставник на холандскиот полициски синдикат.
– До полноќ, безбедносните сили во голема мера ја ставија ситуацијата под контрола – рече директорот на полицијата Вилем Воелдерс.
Премиерот Марк Руте на Твитер изјави дека настаните „немаат никаква врска со протести или борба за слобода“, туку дека станува збор за „криминално насилство“.
Велика Британија: „Прославувајте“ додека не се појави полицијата
Со помош на кучиња и хеликоптери, лондонската полиција за време на викендот прекина нелегална забава со 300 гости. На лице место 78 луѓе мораа да платат казна од 200 фунти (околу 225 евра) за кршење на прописите против ковид-19. Многумина го избегнаа ова бегајќи преку оградата.
Не беше прва забава од ваков вид во Велика Британија. Една недела порано, полицијата прекина друга забава со 200 гости. Минатиот четврток беше прекината свадба со 100 гости во лондонско училиште.
Акцијата на полицијата ја водеше Рој Смит, кој ги критикуваше учесниците на тие прослави:
– Нашите полицајци повторно беа принудени да го ризикуваат своето здравје затоа што се занимаваа со голема група неверојатно себични луѓе, набиени на мал простор.
Германија: Расположението станува се поагресивно
И во Германија неодамна, желбата за славење очигледно е посилна од разумот. Во неколку сојузни држави, полицијата ги прекина помалите корона-забави и поднесе кривични пријави. Во Вајсенхорн, мало гратче во Баварија, полициска патрола добила пријава за забава со тринаесет учесници од различни домаќинства. Кога полицајците им побарале документи, двајца гости се обиделе да избегаат низ прозорецот на вториот кат. Тие биле пренесени во болница, со тешки фрактури на коските. Поради агресивноста на одделните учесници, полицијата мораше да побара засилување.
Прекршувањата на прописите не се случија само во форма на забави. Жена во Минхен со нога удри маж во стомакот во јавен превоз по кавгата со неа затоа што не носела маска. Нападнатиот 28-годишник претходно ја замолил жената да стави маска, соопшти полицијата.
Во меѓувреме, јавноста дозна дека германската влада се подготвува за можни напади врз центрите за вакцинација, врз транспортот на самата вакцина или врз нивните производители. Нема конкретни докази за тоа, мора да се признае, но поради „високата динамика и емоционалност“ во врска со оваа тема, постои „апстрактен ризик“, се вели во документ од Министерството за внатрешни работи. Во документот се вели и дека „особено треба да се земат предвид протестите на противниците на вакцините, скептиците за ковид-19 и теоретичарите на заговор“.
Данска: Премиерката на „мета“
Во Данска уапсени се тројца мажи кои за време на протестите против ограничувачките мерки запалија кукла со слика на премиерката Мете Фредериксен. На постерот пишувало: „Треба да биде убиена“. Инцидентот предизвика голем бес во Данска.
Неколку стотици луѓе протестираа во Копенхаген во саботата вечерта поради сегашните мерки. Тие извикуваа: „Слобода за Данска, доста ни е!“ Откако полицијата го прекина митингот, на некои места имаше насилство и кон полицајците биле фрлани шишиња.
Полска: Желбите на претприемачите
Во Полска угостителите и туристичките работници протестираат против продолжувањето на рестриктивните мерки. Претставници на повеќе од 100 хотели, ресторани, барови, како и бројни претприемачи од секторот за забавна индустрија, минатата недела објавија на „Твитер“ дека повторно ќе започнат со работа. Тие сметаат дека имаат право и врз основа на пресудата на Управниот суд во полскиот град Ополе, според која е воведена делумна блокада без механизмот предвиден во полскиот Устав.
– Економските активности во Полска можат да бидат ограничени само со закон – и не постои таков закон – изјави еден менаџер.
Претприемачите во зимските туристички центри како што е Закопане се особено гласни, бидејќи стравуваат дека ќе останат без целосни сезонски приходи. Најголемиот опозициски сојуз (КО) проценува дека помошта за претприемачите за време на пандемијата не е доволна, па затоа тие исто така бараат олеснување на мерките.
Чешка: Отпор на граѓанска иницијатива
Сопствениците на десетици ресторани и кафулиња во Чешка се побунија против владините мерки за пандемијата, кои треба да останат на сила најмалку до средината на февруари. Тие ги отворија вратите за гостите во неделата, иако им е дозволено само да им „дадат“ на гостите храна која може да ја однесат дома. Полицијата поведе неколку прекршочни постапки, со казни до 800 евра.
Со оваа акција, угостителите реагираа на граѓанската иницијатива „Цркнато куче“ (Chcipl pes). Тоа е игра со зборови, бидејќи системот за предупредување за коронавирусот на владата е скратено со „Пес“ – и тоа е чешки збор за „куче“. Во моментов е на сила петтиот, најголем степен на опасност.
– Вирусот е попаметен од владата и тој сигурно прави што сака. Мораме да се вратиме во нормалниот живот – ги критикуваа организаторите.
Таа иницијатива стана позната кога формираше ред чаши за пиво во стариот град во Прага, долги неколку километри. Голем број нови членови се евидентирани во последните неколку недели и иницијативата се гледа себеси како политичко движење.