ВО ЕУ СÈ ТРЕБА ДА СЕ МЕНУВА – БУЏЕТИТЕ, ПРОЦЕДУРИТЕ, ПРАВОТО НА ВЕТО… Еве за какви промени во политиката на проширување разговараат европските министри
„Сегашната рамка, без разлика дали е буџетска или политики или процедури за донесување одлуки, не е соодветна за Европа со 30-тина членови. Понекогаш веќе е многу, многу тешко, како што знаете, и со 27“, изјавил портагалскиот Тијаго Антунес, повторувајќи ја, всушност, дијагнозата што ја постави францускиот претседател Емануел Макрон. Антунес е домаќин на средбата со своите колеги од Франција и од Германија, Бун и Лирман.
Во Понте да Барка, живописното село на реката Лима во северна Португалија, министрите за прашања на ЕУ на Франција, Германија и Португалија со студентите во летниот камп на Европската Комисија разговараат за иднината на ЕУ.
Политико пренесува интересни детали од овие разговори, на кои тројцата министри – Лоренс Бун, Ана Лирман и Тијаго Антунес – меѓу другото разговараат и за политиката на проширување.
„Треба да размислуваме поинаку за проширувањето. Порано беше, откако ќе ги исполните сите критериуми, можеби ќе ви биде дозволено да се придружите. Сега велиме, всушност, во наш основен безбедносен интерес е да се придружите. Ние ќе ве поддржиме во исполнувањето на потребните критериуми. Тоа е различен начин на размислување. И мислам дека овој начин на размислување навистина пристигна во сите главни градови на ЕУ, исто така и во Брисел“, рече Лирман.
Трите земји размислуваат за нов пристап, за да им дозволат на Украина и на другите земји-кандидати да се приклучат на блокот во неколку чекори, овозможувајќи постепен пристап, кој во суштина би резултирал со „Европа со неколку брзини“, како што рече францускиот претседател Емануел Макрон .
„Ние тројцата разгледуваме некои предлози за постепено пристапување“, рече француската министерката Бун. „Порано требаше да ги исполниш сите критериуми и дотогаш немаше многу промени за тебе“, но според овој нов начин на постепено пристапување во ЕУ, „кога една земја ќе напредува, тогаш може веднаш да добие награда. ”
Во средата се објавени коментари на австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг, кој рече дека владите кои бараат реформи во ЕУ пред проширувањето, всушност, велат дека не сакаат нови членки. Не е изненадувачки што тројцата министри тврдеа дека спротивното е точно. „Кога велиме дека треба да се реформираме, тоа не е за да се создаде пречка за проширувањето, туку напротив, да се создадат услови што ќе ни овозможат влез на нови членки“, рече Антунес.
„Она што го гледаме е дека сегашната рамка, без разлика дали е буџетска или политики или процедури за донесување одлуки, не е соодветна за Европа со 30-тина членови. Понекогаш веќе е многу, многу тешко, како што знаете, и со 27“, рече Антунес.
Бун додаде: „Треба да се реформираме за да го олесниме процесот на донесување одлуки. Разговараме за гласање со квалификувано мнозинство“.
Лирман, пак, рече дека сака да се согласи да ги укине националните вето користејќи ја таканаречената клаузула Passerelle, со која би се избегнала долготрајна промена на договорот, но сепак ќе бара од земјите на ЕУ да се согласат едногласно за промената.
„Работиме на реформски чекори до крајот на оваа година, особено користејќи ја клаузулата Passerelle за да преминеме на гласање со квалификувано мнозинство наместо едногласност за одредени надворешнополитички одлуки“, рече Лирман.