ВО ЕУ ИМА ДВОЈНО ПОВЕЌЕ СЕМЕЈСТВА СО МИЛЕНИЦИ ОТКОЛКУ СО ДЕЦА Во Унијата се чуваат 127 милиони мачки и 104 милиони кучиња

Европејците само за исхрана на своите миленичиња годишно трошат околу 30 милијарди евра, а уште 24,5 милијарди за други поврзани производи и услуги.

187

Семејствата во земјите од Европската Унија повеќе претпочитаат да имаат домашни миленици отколку деца. Во 2024 година, според податоците на Евростат, во ЕУ имало речиси 202 милиони семејства, а само 47,6 милиони (23,6%) од нив имаат деца, додека 76,4% се без деца. Домашни миленици, пак, имаат околу 91 милион европски домаќинства (46%).

Највисок удел на семејства со деца има во Словачка (35,6%), Ирска (31,0%) и во Кипар (28,6%). Спротивно на тоа, најниски удели се регистрирани во Финска (18%), Литванија (19,6%) и во Германија (20,1%).






Од семејствата со деца, речиси половината (49,8%) имаат едно дете, 37,6% имаат две, а 12,6% одсемејстата имаат три или повеќе деца.

Домаќинствата со едно дете се доминантни во сите земји од ЕУ, освен во Холандија, каде што уделот на домаќинствата со две деца е поголем. Семејства со три или повеќе деца се најбројни во Ирска 20,6%, во Шведска, каде нивниот удел изнесува 18,1% и во Финска со 17,4%.

Речиси половина од семејствата во ЕУ чуваат домашни миленици. Вкупниот број на домашни миленици е околу 340 милиони, од кои 127 милиони мачки, 104 милиони кучиња, 53 милиони птици, 29 милиони мали цицачи, 22 милиони аквариумски риби и 11 милиони терариуми.

Според Федерацијата на европската индустријата за храна за домашни миленици (ФЕДИАФ), Европејците само за исхрана на своите миленичиња годишно трошат околу 30 милијарди евра, а уште 24,5 милијарди за други поврзани производи и услуги.

Во Македонија, пак, според последниот попис има 538.348 семејства, а од нив околу половината имаат најмалку едно дете.

Што се однесува до домашните миленици, точна статистика нема. Според податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство, во 2023 имало 84.949 регистрирани миленици, но се проценува дека нивниот број е поголем и достигнува над 200 илјади. Во 2024 година пазарот на храна за миленици земјава надмина 32 милиони долари.

Поврзани содржини