Во ЕУ има демократија или ветократија?

На потег се европарламентарците. Јас се надевам и повикувам да ја покажат силата на демократијата и да испратат јасна порака до сите и внатре во Унијата и нам што сме надвор – дека основните демократски принципи нема да се напуштат.

106

Со години македонските граѓани ја чекаат ЕУ! Те од таму да ни дадат датум за датумот, кога ќе ни кажат на кој датум ќе почнеме со нив преговори… те да ни дадат оценка до каде сме со реформите… те да ни дадат нов датум… те да ни дадат нови задачи… те овој еврокомесар што рекол… те оној или овој наш сосед каков услов ќе побара, те…

Еј, децении поминаа во чекање. Македонија се измори од чекање, а, како што покажуваат анкетите, тоа почна и да го манифестира.






Еве и сега сите сме ставени во чекална. Овој пат пред Европарламентот, чекајќи дали ќе помине годишниот извештај за напредокот на нашата држава на патот кон ЕУ. И нормално почнаа драмите, секако во режија на некој припадник на демократска Европа – во случајот од Софија.

И сега, ние во Македонија се тресеме, се надеваме… дека се ќе помине во најдобар ред оти многу одработивме, многу жртвуваме, ама…

Но, да се вратам нешто порано – кога неколку мантри, односно „магични формули“ постојано се вртеа од претходната власт на СДСМ и ДУИ. Најсилната и најповторуваната беше „евроинтеграцијата”.

Со години од Заев, Ковачевски, Маричиќ, Османи… слушавме една иста песна: „ЕУ е нашата иднина“; „Убавата дама најубави лекции дава“, „Брисел е нашата единствена цел“, „Уставот мора да се смени“”, „Евроинтеграциите мора да се спроведат“…

Обземена од таа мантра, по нивно сценарио и во нивна режија (но и од нивните претходници, од првите години по осамостојувањето), Македонија исполни многу болни барања и условувања од ЕУ. Владите на СДСМ го сменија името, Уставот, називите на јавните институции, знамето, просто не обезличија… а речиси никогаш не го слушаа гласот на граѓаните дека „евроинтеграцискиот процес” се плаќа со превисока цена. Си тераа по мантрата.

И седеа во удобните владини канцеларии и чекаа што ќе ни пресуди Брисел или некоја земја членка на ЕУ. Ама дали додека чекаа, од претходната власт си ги поставија клучните прашања: Има ли Брисел навистина намера да се проширува во догледно време? Реални ли се најавите до 2030 година Македонија да стане членка на Унијата? Дали е можно ЕУ да има нови темелни вредности (а ние да не знаеме), различни од оние што со години ни беа сервирани: човечко достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и човекови права. И не си го поставија најважното прашање: Зарем не е поарно некогаш освен чекање и рбет да исправиме, па да го браниме македонското достоинство?

Заради избегнување на одговор на ова прашање и дебело изгубија на изборите.

Сега новата власт е ставена да чека. Но, за среќа таа не остава само на чекање, туку и делува. Премиерот Мицкоски и министрите се растрчани на сите страни да лобираат, да објаснуваат, да покажуваат дека странци повторно сакаат да нанесат удар на македонскиот идентитет и јазик. Не се анемични и исплашени како нивните претходници.

Пак да се вратам на почетокот: утре во Европскиот парламент повторно на дневен ред е Македонија. Ќе се дебатира и ќе се гласа за Извештајот за напредокот, откако веќе еднаш гласањето беше одложено, заради многутеконтроверзни и понижувачки за нас амандмани, поднесени претежно од бугарски европратеници.

Е, околу тоа сега македонските граѓани чекаат разврска. Утре ЕУ јасно ќе и демонстрира на Македонија дали е се уште лулката на демократијата или таму веќе имаат нов систем – ВЕТОКРАТИЈА? За кратко ќе се види дали ЕУ има нова темелна вредност, каде секој кога ќе му текне ќе може другиот да го блокира!

На потег се европарламентарците. Јас се надевам и повикувам да ја покажат силата на демократијата и да испратат јасна порака до сите и внатре во Унијата и нам што сме надвор – дека основните демократски принципи нема да се напуштат.

Утре и Бугарија може да покаже дека е за добрососедски односи и дека намерите во соработката со Македонија и се искрени, а не е заглавена во „Санстефанската илузија“. Треба само настрана да ги тргнат крајно навредувачките амандмани, што не негираат.

Во спротивно, ако се прави проблем за редовен Извештај за напредок на нашата држава на ЕУ патот, што се би можеле да очекуваме од источниот сосед, кога ќе се отворат преговорите, под услов, сега да смени Уставот и да се вметне бугарскиот народ во него? Какви ли се условувања ќе имаме во иднина за јазикот, за историјата, за учебниците… Всушност уште колку ли вета ќе ни следат во така наметната демократија?

Утре многу работи ќе станат појасни. Ќе почекаме уште овој пат, оваа работа да ни се одговори. Потоа појасно ќе биде што сака и форсира ЕУ кон нас, но и на што всушност инсистира официјална Софија, иако слаткоречиво објаснува и во Брисел и на нас во Македонија дека има добри намери.

Добро е што владата на ВМРО-ДПМНЕ не чека. Ја повикувам да продолжи да делува соодветно на добиените одговори и соодветно на она што го очекува од неа огромното мнозинство од македонскиот народ.

Поврзани содржини