Во Република Северна Македонија и во Бугарија има многу јасни сили кои не го сакаат ова добрососедство и стабилност и ќе ја искористат секоја можност во наредните недели да го блокираат нашиот процес, вели бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за БНТ, како одговор на прашањето од новинарката: „Дали гледате што прави Пендаровски“?
– За надворешната политика во нашите односи, одговорни се премиерот Ковачевски и премиерот Петков. Со Ковачевски се познаваме две недели и сето она што е договорено е исполнето. Од нас зависи и ние ќе направиме се за да постигнеме добрососедство. Наведениот став го потврдивме и во разговорите – рече тој.
Според Петков, со проширувањето на односите – воведувањето пат, авион, железница до Скопје, одеднаш сите се поподготвени да разговараат за целата рамка на добрососедство.
Петков најави дека утре, по положувањето цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија со вршителот на должноста амбасадор на Северна Македонија во Бугарија, Владимир Крстевски, заедно со претседателот Румен Радев во 17.30 часот во Благоевград ќе оддадат почит на споменикот на Гоце Делчев.
Бугарскиот премиер најави дека утре министерката за надворешни работи Теодора Генчовска ќе го посети Скопје и ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, заедно со македонската министерка за култура.