ВО ЧЕТВРТОК ПОЧНУВА САЕМОТ ЗА КНИГА Најавени се повеќе од 65 издавачи

Во четврток, на отворањето на Саемот на книгата, најавено е присуство и на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

43

Повеќе од 65 издавачи и 150 активности беа најавени за годинашниот Саем за книга во Скопје, кој ќе биде свечено отворен в четврток, 23 април, со почеток од 13 часот. Слоганот годинава е „Отвори прозорец кон нови светови“.

На денешната прес-конференција Даниела Глигоровска, извршен директор, Сања Кондарко, оперативен директор на Саемот на книга и Бојан Саздов, претседател на Македонска асоцијација на издавачи (МАИ), информираа за тоа што е планирано.

– Повеќе од 65 издавачи се присутни, арената ќе биде преполна. Најголем дел се македонски издавачки куќи, посебен штанд со дела ќе има и Министерството за култура на Србија. Над 150 програмски активности се очекуваат годинава како дел од Саемот на книгата во Скопје – соопшти Глигоровска.

Во четврток, на отворањето на Саемот на книгата, најавено е присуство и на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

– Се очекува и годинава, како и претходни години, ЈСП Скопје да има специјална линија за љубителите на пишаниот збор да може да го посетат Саемот на книгата. Програмата годинава е навистина импресивна – додаде Глигоровска.

Таа истакна дека Министерството за култура и туризам традиционално го поддржува Саемот за книга.

Кондарко рече дека програмските активности се за сите генерации. Ќе има и можност за разговори со македонски, како и странски автори. Најавена е и викенд – програма за деца.

Од 16 часот, Државниот архив организира промоција на „Османлиски документи за историјата на Македонија, попис на христијанското население од Скопски Санџак, тетовска каза, 1838/1839 година“ на доц. д-р Аднан Шериф.

Во петок, меѓу другото, предвидено е да се промовира „Македонски етимолошки речник“, том 1, во организација на ЈНУ Институт за македонски јазик Крсте Мисирков – Скопје. Институтот за национална историја, Скопје, организира промоција на „Политика на тутунскиот производство во вардарскиот дел на Македонија во меѓувоениот период – документи“ од авторот Вера Гошева. Во петок ќе бидат свечено доделени наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).

На 26 април, недела, Државниот архив организира промоција на „Државен архив – столб на македонското битие“ од доц. д-р Бранислав Светозаревиќ, јубилејна публикација.

Наредниот ден, понеделник, Институтот за национална историја, Скопје, е организатор на две промоции. Првата, чиј автор е Силвана Сидровска Чуповска, „Документи за црковно – просветната дејност на егсархијата во Македонија (1878-1912)“. Втората е од авторот Армен Жарноски, „Образовниот систем во Македонија за време на османлиското владеење“.

Работното време на Саемот ќе биде од 10 до 20 часот.

Поврзани содржини