ВО ЧЕСТ НА ТАНЦОТ Претставата „Имплус“ вечерва во МНТ
Изведбата на претставата Скопје танцовиот театар ќе ѝ ја посвети на госпоѓа Емилија Џипунова, доајен на балетскаата уметност во Македонија и добитник на овогодинешната награда за уметност на Град Скопје „13 Ноември“.
Претставата „Импулс“ – во чест на танцот ќе се одржи вечерва од 19 часот во Македонскиот народен театар како дел од годишната програма на Скопје танцовиот театар, кој прославува 10 години од своето постоење и од придонесот за развојот на современата танцова сцена во земјава. Изведбата на претставата Скопје танцовиот театар ќе ѝ ја посвети на госпоѓа Емилија Џипунова, доајен на балетскаата уметност во Македонија и добитник на овогодинешната награда за уметност на Град Скопје „13 Ноември“.
– Секогаш се радуваме кога работата на уметниците од областа на танцот ќе добие признание за својот труд, ова е награда која госпоѓа Џипунова апсолутно ја заслужува со својот долгогодишен труд и придонес не само за балетската уметност, туку и за танцовата уметност во целост и со радост ќе настапиме во нејзина чест. Оваа претстава е дел од нашата годишна јубилејна програма, која ќе финишира на почетокот на декември, кога ќе имаме гости до Холандија, од Скапино балет Ротердам и заедно ќе го чествуваме танцот! Завршниот настан, кој ќе се одржи на деветти декекмври во Македонскиот народен театар, го подготвуваме во сорабтка и поддршка со Холандската амбасада, а работата на Скопје танцовиот театар поддржана од Министерството за култура и Град Скопје – вели Рисима Рисимкин.
Претставата „Импулс“ е составена од три дела, првиот дел е танцовиот перформанс „Не ми ги допирај очите“ на Адријана Данчевска во кој настапуваат Дејан Битровски и Анастасија Данчевска, потоа следи танцовиот филм „Дома“, во режија и кореографија исто на Данчевска, а програмата завршува со „Меѓусвет (Убавите жени)“ во режија и кореографија на Рисима Рисимкин, претстава инспирирана од творештворто на Блаже Конески. За „Меѓусвет (Убавите жени)“ на Рисимкин, музика ја потпишува Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а дизајнот на сцената на Матеа Мијановиќ. Во претставата настапуваат Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, Ивана Балабанова, како и студентите на Катедрата за современ танц при УГД – Сара Димковска, Стефани Шааршмит (Германија) и Емилија Милак (Црне Гора).