Современите демократски држави, оние што претендираат да се сметаат за цивилизирани, се препознаваат не по односот кон големите нешта туку кон грижата за малиот човек, за обичниот граѓанин без оглед на возраста, полот, етничката или религиозната припадност, а особено по грижата за оние од ранливите категории. Кога државите потфрлуваат на овој план, го губат правото да се нарекуваат цивилизирани. Оваа „држава“, којашто одамна не е тоа за што се претставува, потфрлува на сите рамништа. Особено на грижата за своите граѓани и особено за оние од ранливите категории. Но тие кои го „бетонираа(т)“ нашиот идентитет, не ги интересираа(т) луѓето без идентитет како Мемет. Тие ионака – не постојат.
Да не беше потресниот текст на Ѕвездан Георгиевски и неколкуте потсетувањата во некои медиуми, многумина, а особено државата, веќе заборавија на Мемет Камбер. Онаа „госпожа“ министерка гледа „бледо“ кога ја вознемируваат прашувајќи ја за Мемет. Појма нема кој е. Оној министерон за здравство не ни разбира што го прашуваат! Премиерот никако да го тргне погледот од бесценетата љубовна врска со „историските коридори“, во којашто нема место за такви „маргинални“ граѓани. А претседателот, оној глумец во ролјата на „татко на сите граѓани“, не кажува ни збор за Мемет туку како стара тужибаба ги повикува странските амбасади да си ги повлекуваат средствата од проектите и невладините организации! И потпишува „закони“ работниците да бидат уште подолго експлоатирани од работодавачите.
Се разбира дека државата не може комплетно да застане, но нејзините највисоки функционери, и не само тие, можеа/можат да издвојат пет минути од нивното драгоцено време и да му оддадат почит на еден граѓанин од ранлива категорија чија смрт во секој случај оди на нивна душа. Иако, веројатно, Мемет тоа не би го очекувал. Можеби и не би го сакал, којзнае. Но секако дека сакал да биде легален граѓанин, со идентитет односно лична карта, да биде – Човек. Тоа оваа држава и овие луѓе кои (наводно) ја раководат не му го овозможија.
Ако пак, како што велеше премиерот, и со тоа особено се гордееше пред Советот на Европа, Бугарија ни го прави нам истото што Русија го прави на Украина, што му направи Македонија на Мемет Камбер? И претходно на Тони Сали и на уште којзнае колку други слични но (засега) непознати примери? Или потенцијални идни, за кои допрва ќе дознаваме?
И што впрочем е тоа идентитет и како се докажува? Како малите, ранливите луѓе докажуваат кои се и што се – а живеат тука со години – и што треба да направат за тоа да го докажат? И кому тоа треба да му го докажуваат? На својата држава? Па што тогаш креваме врева кога Бугарија бара од нас да докажеме кои сме и што сме? И – од кога сме? И дали и Мемет, ако имаше доволно евра или денари, ќе успееше да си издејствува лична карта и/или пасош како и онаа група ноторни криминалци што шетаат низ светот со македонски идентитет?
И колку такви примери на „лица без идентитет“ има во Македонија? Ако говориме за суштината на зборот идентитет, тогаш има многу такви лица кај нас, особено во политиката. Но кога говориме за оние кои не по сопствена вина останале сами, напуштени, „нерегистрирани“, колку може да ги има? Десет, дваесет… сто? И ќе пропадне државата ако им најде брзо и ефикасно решение за да тие не умираат како „Н.Н.“, па и после смртта да бидат дискриминирани и да бидат оставени во некакви „фрижидери“ додека некој нешто не докаже?!
И јас, како и многумина други, не можам да кажам дека сум го познавал Мемет. Но го знам, односно го знаев како лик кој мирно ви приоѓа и со насмевка ви нуди „Лице в лице“. Не беше здодевен, не беше настојчив, напротив. И после Мемет, токму тоа „Лице в лице“ како метафора на ова општество сѐ повеќе ќе ни недостасува. Ова општество, на чело со оваа власт, одамна не може да се погледне ни во огледало, не пак да застане лице в лице со граѓанинот. Оваа и ваква бездушност, не само на државниот врв туку и на сите оние квазиорганизации за човекови права, УНХЦР, комитети и поткомитети… е просто неразбирлива, нехумана, неприфатлива. Сите вредности што Македонија „ги извлече“ од некогашна Југославија и ги внесе во Уставот како темелни вредности – од демократија до социјална држава итн. – низ годиниве избледеа и се трансформираа во своја спротивност благодарејќи на еден грст алчни простаци, некултурни и необразовани духовни пигмејци, политиканти без свое „јас“.
Човечкиот живот стана најевтиното нешто во земјава, невреден ни колку црното под нивните нечисти нокти! И раце, сега измачкани и со крв.
Извор: Теодосиевски уметност