Во Чешка над сто заразени дневно, во Токио повеќето вирусот го добиле во ноќни клубови
Повеќето од новозаразените во Токио се на возраст меѓу 22 и 40 години, а се работи за млади луѓе кои неодамна посетиле ноќни клубови.
Властите во Чешката Република веќе трети ден по ред имаат регистрирано повеќе од 100 нови заразени со коронавирус, а вкупниот број изнесува 12.919, соопшти денеска Министерството за здравство во Прага.
Бројот на активни случаи во земјата во моментот е 4.439. Од почетокот на пандемијата излекувани се 8.128 пациенти, а починале 352.
Коронавирусот е најраспространет во северо-источниот дел на Чешка, а најмалку во јужните региони.
Во Токио во последните 24 часа се регистрирани 244 нови случаи на коронавирус, што е нов дневен рекорд во јапонскиот главен град, соопштија локалните власти.
Повеќето од новозаразените во Токио се на возраст меѓу 22 и 40 години, а се работи за млади луѓе кои неодамна посетиле ноќни клубови.
Вкупниот број на заразени со коронавирусот во Јапонија надмина 21.000, а околу 1.000 луѓе починале.