Во буџетската вреќа на ЕУ надеж и за сиромашните

ЕУ-проширувањето, се чини, навлегува во нова фаза. Оптимизмот, доколку е навистина толку голем, ќе ја покаже својата оправданост во наредните години. Полугодишниот претседавачки мандат на Данска тешко дека ќе успее да ја расчисти маглата насобрана околу недоумиците и дилемите што го следат овој процес.

65

Кога за Македонија и Албанија пред неколку години се сметаше дека беа подготвени за преговори за членство, таквата одлука беше блокирана од Данска, заедно со Франција и Холандија, што беше знак на општо незадоволство од стратегијата за проширување.

Сигналите кои сега се испраќаат се поинакви и укажуваат дека ЕУ-проширувањето продолжува да минува низ фази со различна динамика. Откако неодамна ја презеде претседавачката палка со ЕУ, Данска, позната по својата воздржаност и често барање исклучоци во интеграциските процеси, со нагласен ентузијазам ги најави своите приоритети, меѓу кои, покрај безбедносните прашања, конкурентноста и миграциите, важно место има токму проширувањето.






Инвазијата на Русија во Украина ја натера данската премиерка Мете Фредериксен да го преиспита поголемиот дел од нејзината претходна политика кон ЕУ. Заканувачката реторика на Доналд Трамп за можна анексија на Гренланд дополнително ја зајакна силата на нејзините нови убедувања и заложби.

Данска, потенцира Фредериксен, има намера да „направи сѐ“ за да се постигне целта ‒ „посилна и побезбедна Европа“. Станува сè поочигледно дека трансформацијата на данската премиерка од делумно евроскептичен шеф на влада во еден од најцврстите бранители на Унијата, како што беше забележано во некои скандинавски медиуми, се одвиваше фасцинантно брзо.

По референдумот во јуни 2022 година, на кој големо мнозинство дански гласачи се изјаснија за учество во одбранбената соработка на ЕУ, Фредериксен се залага за продлабочување на европската одбранбена политика. Таа, исто така, се откажа од групата „штедлива четворка“ и се приклучи кон уверувањата дека претстојното проширување на ЕУ сега се смета за „геополитички неопходно“.

Околу проширувањето, значи, повторно се шири извесен ентузијазам, и тоа во богатиот дел на ЕУ. Тоа се потврдува и со проектираниот нов буџет на ЕУ. Можното проширување би опфатило вклучување на девет земји-кандидатки, вклучувајќи ја и Украина. Кандидатките од Западен Балкан се исто така на тој список. Иако проценките се разликуваат, проширувањето би можело да го чини буџетот на ЕУ помеѓу 130 и 260 милијарди евра во период од седум години, или околу десет отсто од предложените 2.000 милијарди евра.

Динамиката и времето на проширувањата е тешко да се предвидат. Дури и ако следната рунда на проширување се случи по завршувањето на наредниот буџетски период од 2028-2034 година, земјите-кандидатки веќе би добиле значителни износи на претпристапната помош, која би морала да се интегрира во наредниот буџет на Унијата.

Тоа, се разбира, неизбежно станува дел од тековните спротивставувања на мислењата и отпорите во однос на предложениот нов, според многумина предимензиониран буџет. Најмногу несогласувања, очекувано, доаѓаат од страна на најбогатите членки, меѓу кои, Германија, Шведска, Финска и Холандија, кои даваат нето-придонес кон полнењето на буџетската вреќа, и секогаш повеќе издвојуваат за заедничката европска каса, отколку што добиваат повратни средства од неа.

Токму затоа во претстојната буџетска дебата до 2028 година, се очекуваат тешки прееговори околу усогласувањето на буџетската рамка. Забелешките одат на линија на изразување поддршка на заедничките приоритети какви што се, пред сѐ, јакнење на безбедноста и конкурентноста, но не преку енормно зголемување на буџетот, туку преку пренасочување на средства од други ставки, главно од фондовите за поддршка на земјоделието и намалување на регионалните разлики.

Иако засега не се споменуваат изрично и предложените буџетски средства за надворешната политика и проширувањето на ЕУ, секако дека би можело да се очекува и тие да се најдат на удар. Приемот на девет нови сиромашни членки би значело дека само би се зголемил бројот на оние кои би застанале во редот на приматели на буџетски средства, без можност да дадат и сопствен нето-придонес за заедничките фондови. Нема никакво сомневање дека таквиот развој не е проследен со поголеми симпатии во богатите ЕУ-членки.

Буџетот на Унијата во најголем дел се финансисра од придонесите од земјите-членки, предводени од Германија, која покрива речиси една четвртина од заедничкиот буџет. Но дали побогатите членки ќе придонесуваат повеќе во иднина е неизвесно. Многу од нив на национално ниво се борат со недоволни буџети и со голема задолженост.

За подобро сфаќање на пропорциите околу тоа колку членките на национално ниво плаќаат за ЕУ, а колку добиваат од заедничката каса, може да се спореди, на пример, со тоа што, Шведска и Финска, според податоците за 2023 година, се во минус, така што плаќаат околу 150 евра по глава на жител, додека во плус се Хрватска, Естонија и Летонија, кои добиваат значајни европски пари од приближно 600 евра по глава на жител. Грција добива 370 евра, а Бугарија околу 300 евра пер капита. Јасно е дека богатите не се расположени постојано да се зголемува нивниот нето-придонес на сметка на сопственото минусно салдо.

Во секој случај, темата на ЕУ-проширувањето повторно се актуелизира. Според еврокомесарката Марта Кос, 1.000 службеници работат на брзо приклучување на Украина како членка на ЕУ. Многумина се согласни дека тоа би чинело неверојатно многу милијарди и би претставувало политички пречувствителен процес. „Никогаш порано немало толку големи импликации врз безбедносната политика околу проширувањето на ЕУ како денес“, нагласува Кос.

Но не се ретки и мислењата кои одат во сосема спротивна насока и не можат да се сфатат поинаку освен како остра критика на двојните аршини што ги заговара Брисел. „Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Црна Гора или Македонија е неправедно, и е дрска навреда кон овие земји“, смета хрватскиот претседател Милановиќ.

Сигналите зачестија не само за Украина, туку и дека на Молдавија, земја која до неодамна немаше ни кандидатски статус, наскоро може да ѝ биде дозволено сериозно да ги започне преговорите за членство. Зборовите на Милановиќ тешко дека би можеле да бидат отфрлени како празно муабетење и неоснована критика.

Токму во контекстот на ваквите најави за „експресно“ забрзување на проширувањето, министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, по завршувањето на полското претседателство со ЕУ на крајот на јуни годинава, на прес-конференција во Варшава, префрлувајќи ја топката кон Данска, резигнирано и со ироничен призвук кратко изјави: „Само напред, и со среќа“.

ЕУ-проширувањето, се чини, навлегува во нова фаза. Оптимизмот, доколку е навистина толку голем, ќе ја покаже својата оправданост во наредните години. Полугодишниот претседавачки мандат на Данска тешко дека ќе успее да ја расчисти маглата насобрана околу недоумиците и дилемите што го следат овој процес.

Поврзани содржини