ВО БРИСЕЛ ЌЕ РАЗВИЕМЕ МОЖНИ РЕШЕНИЈА ЗА ОДГЛАВУВАЊЕ НА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ Мицкоски ги запознал новите еврокомесари со македонските аргументи
Имав квалитетни средби во Брисел. Треба да имаме предвид дека се работи за комплетно нов состав на Европската Комисија, вчера им беше вториот работен ден и голем дел од информациите што сега ги примаат за нив се практично нови информации, рече премиерот Христијан Мицкоски.
На средбите во Брисел им ги претставив аргументите на новите еврокомесари и врз основа на тие дискусии очекувам дополнително да се развијат определени можни решенија за македонската евроинтеграција, рече премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја вчерашната посета на Брисел каде присуствуваше на неформалната работна вечера што за лидерите од земјите од Западниот Балкан ја организираше новиот претседател на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
– Имав квалитетни средби, меѓу кои и билатерална средба со комесарката за проширување Мартка Кос, со новиот претседател на Европскиот Совет, Антонио Кошта и со Копман. За време на вечерата ни се придружи Каја Калас, новиот висок претставник на ЕУ за надворешната и безбедносната политика. Разговаравме за сите теми што се од суштинско значење. Поминувавме низ аргуметите, дебатиравме, даваме нови аргименти. Треба да имаме предвид дека се работи за комплетно нов состав на Европската Комисија, вчера им беше вториот работен ден. Голем дел од информациите што сега ги примаат за нив се практично нови информации. Врз основа на тие дискусии очекувам дополнително да се развијат определени можни решенија. На 17 декември има редовен самит ЕУ-Западен Балкан и пак ќе бидам таму – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата има жестоки и цврсти аргименти, но не верува во инстант решенија.
– Правиме сè што можеме, шести месец по ред. Комуницираме буквално со сите личности кои можат да имаат улога во надминувањето на овој наметнат спор, кој не ни дозволува да напредуваме кон полноправно членство во ЕУ поради егзибиционистичката надворешна политика на претходната влада. Политика во која гледале само до носот, а подалеку од носот никој не гледал. Ќе се бориме, нема откажување – рече премиерот Мицкоски.
Синоќа од Брисел тој упати порака до граѓаните дека македонската Влада останува фокусирана на реформите, на обезбедување подобри услови за живот, како и на членството во ЕУ. Премиерот рече со еврокомесарката за проширување Марта Кос и со новиот претседател на Европскиот Совет Антонио Кошта имале исклучително пријателска, срдечна и конструктивна средба на која ги реафирмирале ставовите дека не прифаќаат ултиматуми и се подготвени на разговори на кои ќе се бара начин како да се отвори првиот кластер од преговорите за членство.