🎥 ВО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА МОЖЕ И СО ЛИЧНА КАРТА И СО ПАСОШ СО СТАРОТО ИМЕ Во Црна Гора само со лични карти, бидејќи амбасадорот не побарал да важат и пасошите со старото име
„Само Македонија и Грција немаат разбирање. Македонија не дозволува излез од земјата со стара патна исправа, а Грција не дозволува влез. Нашите граѓани практично секаде можат да патуваат со старите пасоши, но не можат да излезат од својата матична земја“, вели министерот Панче Тошковски во поткастот на Плусинфо.
Министерот за внатрешни работи на Босна и Херцеговина во петокот попладне го известил македонскиот колега Панче Тошковски дека граѓаните на Македонија ќе можат да патуваат во таа земја со важечки лични карти и пасоши на кои стои старото уставно име на земјата.
Оваа информација во поткастот на Плусинфо ја сподели министерот Тошковски, заблагодарувајќи му се на босанско-херцеговскиот министер за ангажманот.
Во Црна Гора засега може да се патува само со важечка лична карта со старото уставно име, но не и со таков пасош.
– Знаете ли зошто? Зашто така било побарано од страна на нашиот амбасадор во Црна Гора. Значи, внимавајте, амбасадорот на Македонија во Црна Гора побарал од тамошните служби влез и излез за македонските граѓани да има само со лична карта со старото, но не и со таква патна исправа со старо име. Замислете! Кога веќе барал, требало да побара во Црна Гора да може да се патува и со „старите“ пасоши – објаснува Тошковски и додава дека очекува наскоро проблемот спо Црна Гора наскоро да биде решен како и со БиХ.
Околу 100.000 луѓе во Македонија имаат важечки пасоши со старото име, но немаат важечка лична карта. Тие засега во Црна Гора никако не можат да влезат.
Министерот Тошковски во поткастот вели дека сите земји, освен две, имаат разбирање за проблемот на македонските граѓани, чие право на слободно движење, гарантирано со сите меѓународни конвенции за човекови права, сега се крши.
– Само Македонија и Грција немаат разбирање. Македонија не дозволува излез од земјата со стара патна исправа, а Грција не дозволува влез. Нашите граѓани практично секаде можат да патуваат со старите пасоши, но не можат да излезат од својата матична земја. Македонија е земја на парадокси. Само Македонија може да издаде патна исправа со важност од 10 години и потоа да ја прекине важноста на втората година и да рече, е веќе не важи! – вели Тошковски.
Во овој дел од видео-интервјуто на Тошковски за Плусинфо детално се објаснува проблемот, но се зборува и за можностите за патување со стари лични документи што ги нудат Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и други земји: