ВО БОЛНИЦИТЕ ЛЕЖАТ 340 ПАЦИЕНТИ, НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ НЕ СЕ ВАКЦИНИРАНИ Само 22 отсто од починатите примиле две дози
Во период од 6 август минатата година до 13 јануари оваа година, 78 отсто од починатите лица со ковид-19 биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина.
Голем процент од хоспитализираните и починатите лица од коронавирусот се невакцинирани, наведува Министерството за здравство во анализата направена за периодот од 6 август минатата година до вчера, 13 јануари.
Како што потенцираат оттаму, за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примањето на втората доза.
„Во период од 06.08.2021 до 13.01.2022 година на територија на државата 85.593 граѓани се позитивни од тестирани на ковид-19, од нив 37 отсто биле целосно вакцинирани, односно 32.079 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 340 лица, a од нив 19 отсто се вакцинирани, 81 отсто не се вакцинирани. Изминативе неколку недели, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден, од болница“, наведено е во соопштението.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.
„Во период од 06.08.2021 до 13.01.2022 година, 78 отсто од починатите лица со ковид-19 биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас“, соопшти Министерството за здравство.