ВО БЕЛГРАД ЌЕ БИДЕ ИЗЛОЖЕНА НАЈВКУСНАТА ХРАНА ОД МАКЕДОНИЈА Премиерот се пофали дека македонската кујна е позната по врвните зеленчуци
Нашата македонска кујна е позната по специфичната комбинација на вкусови составена од врвните зеленчуци и билки одгледувани под ова наше поднебје, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејбук профил.
„Нашата македонска кујна е позната по специфичната комбинација на вкусови составена од врвните зеленчуци и билки одгледувани под ова наше поднебје“, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејбук профил.
„На саемот за вино, храна и туризам на Отворен Балкан во Белград ќе биде изложена највкусната и најпознатата македонска традиционална храна“, објави премиерот Ковачевски на фејсбук.
Саемот почнува утре и ќе трае до 4 септември, а освен саем лидерите на Отворен Балкан ќе одржат и мал самит. Се работи за првиот меѓународен саем за вино Винска визија на Отворен Балкан, лидерски самит на претседателот Александар Вучиќ, премиерите Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и македонска вечер чиј домаќин е македонскиот премиер Димитар Ковачевски, јави дописникот на МИА од Белград.
На Самитот ќе присуствуваат и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија и министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу.
Саемот се одржува под покровителство на владите на Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија, а отворањето од тројцата лидер ќе биде во четврток, 1 септември 2022 година, во 13 часот на Белградскиот саем, во Хала 1.
На Белградскиот саем се очекува да присуствуваат над 332 излагачи од 22 земји од кои 160 излагачи од Србија, 26 од Албанија, додека 47 излагачи ќе дојдат од Северна Македонија. Покрај земјите-членки на Отворениот Балкан, се очекуваат изложувачи и од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка и други земји. Со оглед дека и храната ќе биде во фокусот, како вид традиција, ќе има по пет мастер шефови од Северна Македонија, од Србија и од Албанија, како и специјален гостин изненадување. На манифестацијата ќе има купувачи од ЕУ, САД, Кина и други земји од Истокот. Вкупно 300 метри квадратни, се резервирани за туризмот.
Македонија под слоганот „Вкуси го животот“ на Саемот ќе учествува со 42 винарии и три дестилерии кои ќе промовираат преку 300 различни вина и ракии, како и производители на храна кои ќе ја претстават автентичната македонска кујна.
Самитот ќе започне со пленарен состанок на министрите за надворешни работи на Србија и Албанија и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Предвидени се состаноци на лидерите со Инвестицијската иницијатива на ОБ, поддржано од Атланскиот совет, состанок на групата за менаџирање на кризи за храна и енергетика и потпишување на повеќе билатерални документи.
Македонската влада во понеделникот усвои повеќе извештаи за завршени преговори и утврдени текст-документи во рамки на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, а кои ќе бидат финиширани за време на посетата на владината делегација во Белград.
Усвоен е Извештајот за завршени преговори за склучување на Договор за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан и беше прифатен текстот на Договорот, беше прифатен и Извештајот за завршени преговори со усогласен текст на Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности во Западен Балкан, усвоена е и Информација за усвојување на Оперативен План во областа на цивилната заштита помеѓу овие три земји во рамките на Иницијативата „Отворен Балкан“.
Вечерта на 2 септември премиерот Димитар Ковачевски пред претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Македонија ќе приреди Македонска вечер, на која ќе се промовираат македонски вина, храна, музика и туризам, а за музичкиот дел е задолжен виртуозот Влатко Стефановски.