ВО БЕЛАТА КУЌА ОПТИМИЗАМ ЗА ПЛАНОТ НА ТРАМП Макрон вели дека нема ништо без ЕУ и без Украина

По консултациите во Флорида, Трамп изјави дека има „добри шанси“ за постигнување договор за прекин на војната. Макрон, по средбата со Зеленски во Париз, истакна дека планот за мир може да биде склучен единствено со учество на Киев и на европските партнери.

268

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп гледа „многу оптимистички“ на изгледите за постигнување договор за прекин на војната во Украина, изјави денеска портпаролката на Белата куќа Каролин Левит.

– Владата се чувствува многу оптимистички, истакна Левит. „Вчера имаа многу добри разговори со Украинците на Флорида, додаде портпаролката на Белата куќа.






Украинската делегација беше предводена од секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, додека американската страна ја предводеше државниот секретар на САД, Марко Рубио.

По консултациите, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека има „добри шанси“ за постигнување договор за прекин на војната.

Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека планот за мир меѓу Русија и Украина може да биде склучен единствено со учество на Киев и европските партнери во преговорите.

– Денес нема завршен план. Во однос на прашањето за териториите, тој може да биде финализиран само од претседателот Зеленски – подвлече Макрон на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател во Париз.

Тој додаде дека клучните елементи на идниот договор, како што се замрзнатите руски средства, безбедносните гаранции, европските санкции и процесот за пристапување на Украина кон Европската Унија, можат да бидат договорени само со учество на европските земји.

– Сè уште сме во прелиминарна фаза, изјави францускиот претседател.

Макрон го коментираше и корупцискиот скандал во Украина, кој доведе до оставка на високиот претседателски советник Андриј Ермак, нагласувајќи дека Париз нема намера да ја поучува земјата.

– Додека даваме пари и поддржуваме воени напори, нормално е да бараме. Но, забележувам дека борбата против корупцијата функционира, бидејќи се носат одлуки, а некои од нив се политички. Дали е наша улога да ѝ даваме лекции на Украина? Не баш. И ние сме имале слични скандали – рече Емануел Макрон.

Според францускиот претседател, во Русија нема антикорупциски механизми бидејќи таму има „вистинска диктатура“ и нема независни тела кои би се занимавале со коруптивни случаи, додека во Украина, барем, тие механизми работат.

Поврзани содржини