🎥 ВО БЕДНИ УСЛОВИ РАБОТЕЛА ПОЛИЦИЈАТА ВО БУТЕЛ По 30 години отворена нова полициска станица
Стариот, дотраен и нелегален објект во кој повеќе од три децении функционирала полициската станица ќе биде срушен, а на негово место ќе биде уреден јавен простор со парк, плоштад и културен дом.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и со градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски, денеска ја посетија Единицата за внатрешни работи Чаир – Полициска станица од општа надлежност Бутел, по повод пуштањето во употреба на новиот објект на оваа организациска единица при СВР Скопје, кој се наоѓа во кругот на Јавната установа „25 Мај“ во Бутел.
Министерот Тошковски истакна дека со заеднички напори на Владата, Општина Бутел и Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади, за релативно краток временски период се обезбедени значително подобри услови за работа на полициските службеници, како и поквалитетни услуги за граѓаните.
– Со минимални финансиски вложувања и со искористување на постојни, но неискористени капацитети, успеавме да решиме повеќе долгогодишни проблеми. Полициските службеници добиваат пристојни и достоинствени услови за работа, а граѓаните на Општина Бутел добиваат нови управни и институционални простории за остварување на своите права – нагласи министерот.
Тој посочи дека стариот, дотраен и нелегален објект во кој повеќе од три децении функционирала полициската станица ќе биде срушен, а на негово место, согласно проектната документација подготвена од Општина Бутел, ќе биде уреден јавен простор со парк, плоштад и културен дом.
– Градоначалникот и министерот за внатрешни работи кажаа тоа што е важно да се каже односно каде работеле повеќе од 30 години полициските службеници. Јас само сакам да им се заблагодарам на полициските службеници на нивното трпение коишто го имале изминативе децении, некои таму почнале да работат и се пензионирале во оние услови, видовте каде работеле, тоа се стандарди, кои на сѐ личат, само не на зграда на полициска станица. Треба многу трпение сето тоа да се издржи и да се одговори на задачите коишто биле секојдневни, така што голема благодарност до нив за трпението – рече Мицкоски.
