ВО АМБАСАДАТА ВО САД РАБОТАТ ДВАЈЦА, А ВО МИСИЈАТА НА ОБСЕ ДУРИ 12 ЛУЃЕ Некој си го приватизирал МНР, ама тоа ќе се смени, вели Мицкоски
Опозицијата ќе се обидува да создава таков тип пораки во јавноста, но состојбата е многу конструктивна и без исклучок сите кои се дел од владината коалиција на дневна основа се трудат да направат нешто добро за државата и граѓаните, што е многу важно - рече Мицкоски.
Владината коалиција функционира беспрекорно и амбиентот внатре е конструктивен, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по вчерашните препукувања меѓу владините партнери ЗНАМ и ВЛЕН.
Според Мицкоски, логично е да има различни ставови по некои прашања, но важно е секогаш да се наоѓа решение.
Важно е, вели Мицкоски, да се напомене дека оваа Влада има поддршка од повеќе од две третини од пратениците во Парламентот и тоа е важно затоа што граѓаните очекуваат резултати.
– Инаку, опозицијата ќе се обидува да создава таков тип пораки во јавноста, но состојбата е многу конструктивна и без исклучок сите кои се дел од владината коалиција на дневна основа се трудат да направат нешто добро за државата и граѓаните, што е многу важно – рече Мицкоски.
Прашан дали се започнати консултациите за нов амбасадор во Обединетите нации по оставката на амбасадорот и постојаниот претставник Љубомир Фрчкоски, Мицкоски рече дека се започнати консултации за повеќе амбасадорски места, за што ќе информираат во периодот што следи.
Во однос на актуелната дипломатска мрежа на земјава, Мицкоски рече дека има причина за незадоволството на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
– Кај нашиот стратешки партнер САД, во Амбасадата, имаме две вработени лица, а во Мисијата на ОБСЕ од две, имаме 12. Ако сме стратешки партнер со САД треба така и да се однесуваме. Не само да мавтаме со знамето, треба и со дела да покажеме дека навистина сме стратешки партнер – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на општина Петровец, каде присуствуваше на поставување на камен темелник за изградба на спортска сала.
Според Мицкоски, некој ја приватизирал и партизирал таа институција и сега веќе, како што нагласи „полека, но сигурно се ослободува“.
– Септември доаѓа, многу работи ќе излезат на виделина – изјави Мицкоски.
Мицкоски најави промeни и во Мешовитата комисија.
– Мислам дека ќе има кадровски промени таму многу скоро. Периодов што следи, мислам овој месец или почетокот на септември – изјави Мицкоски.
Амбасадорот во Обединетите нации Љубомир Фрчкоски поднесе оставка од функцијата. Информацијата ја потврдија и од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Фрчкоски на амбасадорката позиција во Њујорк беше назначен во 2022 година, а указот за неговото назначување го потпиша тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски.
Неодамна, Фрчкоски беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но како што изјави министерот Тимчо Муцунски, до разговорот не дојде поради здравствени причини на амбасадорот.