Во акција „Рибар“ на финансиската полиција уловени бизнисмени, банкари и сметководители кои украле над 1 милион евра од државата

Осомничените добија кривични пријави за повеќе дела „даночно затајување“, „соизвршителство“,„злоупотреба на службената положба и овластување“ и „помагање“. 

1,852

Дваесетмина бизнисмени банкари и сметководители  како и 15 фирми од Тетово, Скопје, Кичево, Велес и од Желино добија кривични пријави поради сомнение дека во период од 2015 до 2017 година организирано затајувале данок со што го оштетиле државниот  Буџет по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок на доход во вкупен износ од 62.933.835 денари (над еден милион евра).

Акцијата ја презеде  Управата за финансиска полиција во кординација со Основното јавно обвинителство Скопје.

Според она што е соопштено, осомничените  сториле повеќе кривични дела  „даночно затајување“, „соизвршителство“,„злоупотреба на службената положба и овластување“ и „помагање“.

Како што информираат од Финансиската полиција  лицето М. И. од Скопје по насоки и претходен договор со Ф. К. и Е.К. од Тетово, М. Т. и А. Д. од Велес, Д. Т., М. К. и В. Б. од Скопје, во период од 2015 до 2017 година во име на правните лица Мартоник 2013 ДООЕЛ Тетово, Голд Инженеринг ДООЕЛ Скопје, Дајмонд Инженеринг ДООЕЛ Скопје и Ваиб Електроник ДООЕЛ Скопје изготвиле и доставиле 96  фактури со невистинита содржина на вкупен износ од 71.384.348 денари со вклучен ДДВ, без притоа да имаат реално должничко доверителски односи со правните лица: Россен центар експорт-импорт с.Стримница Желино, Розен центер експорт-импорт с.Стримница Желино, Аскинг, Д-л Бау гроуп Тетово, Делотроник ДООЕЛ Скопје, Фассион-компани Тетово, Тајмиште АД Кичево, Техно текс Ќенан ДОО Тетово и Алдинг инженеринг Скопје, и од истите примиле парични средства во вкупен износ од 66.686.686 денари на банкарските сметки депонирани во Капитал Банка АД Скопје, кои ги подигнале во готово.

– Парите биле подигнати спротивно на законските прописи како позајмици или материјални трошоци, за кои немале економска оправданост и не биле во функција на дејноста на правниот субјект и им ги враќале во готово на корисниците на фиктивните фактури, а за услугата задржувале провизија во износ од 2 до 5 отсто – велат од  Управата за финансиска полиција.

Пријавените во име на правните субјекти корисници на фиктивни фактури: Россен центар, Розен центер, Аскинг, Д-л Бау гроуп, Делотроник, Фассион- компани, Тајмиште АД, Алдинг инженеринг,додаваат, се стекнале со противправна имотна корист во износ од 66.686.686 денари, на начин што по претходен договор ги употребиле фиктивни фактури за извршена наводна набавка на стоки и услуги во вкупен износ од 70.228.448 денари со вклучен ДДВ во износ од 9.498.082 денари, истите ги евидентирале во своето сметководство и во даночните пријави за ДДВ и извршиле неоснован поврат на ДДВ, а во завршните сметки искажале неточни податоци и ја намалиле даночната основа за Данок на добивка во вкупен износ од 7.172.341 денари, односно, за вкупен износ од 16.670.423 денари го оштетиле Буџетот.

–  Пријавените лица Е.К., Ш.К. и С.К.З. вработени во Капитал Банка АД – експозитура Тетово во својство на банкарски службеници воедно и сметководители на горенаведените правни лица, учествувале во поврзување на горенаведените физички и правни лица, и во нивно име спротивно на закон реализирале претходно потпишани бланко налози за пренос и подигнување на парични средства од правните лица Мартоник 2013 ДООЕЛ Тетово, Голд Инженеринг ДООЕЛ Скопје, Дајмонд Инженеринг ДООЕЛ Скопје и Ваиб Електроник ДООЕЛ Скопје, подигнувале парични средства во готово без присуство на овластените лица на наведените правни лица и подигнатите готовински парични средства ги предавале на одговорните лица на правните лица Россен центар, Розен центер, Аскинг, Д-л Бау гроуп, Делотроник, Фассион- компани, Тајмиште АД, Техно текс Ќенан ДОО Тетово и Алдинг инженеринг – појаснуваат од Финансовата полиција и додаваат дека пријавените го оштетиле Буџетот на државата вкупен износ од 62.933.835 денари.

 

Поврзани содржини