ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА СЕГА СЕ ВРАБОТУВААТ СО ЗНАЕЊЕ И СО КВАЛИТЕТ, А НЕ СПОРЕД ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ Минчев најавува квалитетна реформа

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев вели дека новите законски решенија кои ќе овозможат построги критериуми за нововработените, поголема конкуренција и континуирана евалуација.

287

Потребни се повисоки стандарди и ефикасност во работата на јавната администрација, а тоа ќе биде постигнато со нови закони и со значајна реформа, вели министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

– Кампањата под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација” е почеток на значајни реформи, пакет закони кои ќе ни овозможат дополнителни критериуми за нововработените во јавниот сектор и ќе обезбедат постојано следење на работните задачи на секој вработен – рече Минчев во гостување на Алсат.






Тој ја нагласи важноста на новите законски решенија кои ќе овозможат построги критериуми за нововработените, поголема конкуренција и континуирана евалуација. Како пример, тој посочи на укинувањето на Инспекцискиот совет, што ќе резултира со значителни буџетски заштеди и рационализација на јавните ресурси.

– Укинуваме органи согласно европските стандарди, со што правиме значителни заштеди во буџетот. Ова е само почеток на долгорочен процес на рационализација – истакна министерот.

Осврнувајќи се на укинувањето на Балансерот, Минчев рече дека сегашните огласи се базираат на критериуми за знаење и квалитет. Правичната застапеност на етничките заедници ќе се обезбеди со ново законско решение, кое ќе биде изготвено од експертска група и консултирано со Венецијанската комисија.

– Огласите сега се одвиваат врз база на квалитет и знаење, а новото законско решение ќе ја гарантира уставната категорија на правична застапеност. Наша обврска е да обезбедиме ефикасни и квалитетни услуги за сите граѓани, без разлика на етничката припадност – посочи тој.

Заложбата на министерството за јавна администрација е овие реформи да донесат позитивни промени во јавната администрација и да ги постават основите за долгорочен успех и за ефикасност во работењето на институциите, порача министерот Минчев.

 

Поврзани содржини