„ВНУКОТ ЌЕ ЛЕЖИ ВО ЗАТВОР, ДАЈ ПАРИ ДА ГО ИЗВАДИМЕ“ Скопјанец измамил жена од Прилеп за илјадници евра
Со лажна приказна за сообраќајна несреќа и наводна смрт на дете, осомничениот успеал да измами жена од Прилеп за 3.000 евра.
Полицијата расчисти случај на измама со лажна сообраќајна несреќа, при што е уапсен 46-годишен маж од Скопје, осомничен дека измамил жена од Прилеп за значителна сума пари.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, осомничениот на 4 ноември минатата година телефонски ја контактирал жената и лажно се претставил како инспектор во странство. Тој ѝ кажал дека нејзините внуци наводно предизвикале тешка сообраќајна несреќа во која загинало дете и дека се потребни пари за да се „среди случајот“ и едниот од нив да не заврши во затвор.
Исплашената жена, верувајќи во приказната, оставила 2.000 евра и 1.000 долари на договорено место.
По преземени оперативни мерки на полицијата од СВР Битола и Одделот за криминалистичка полиција, осомничениот бил пронајден и лишен од слобода. По изведувањето пред судија на претходна постапка, му бил одреден притвор.
Од полицијата апелираат граѓаните да бидат внимателни на вакви измами, особено кога се бара итна уплата на пари по телефонски повик.