ВНИМАВАЈТЕ, ВРЕМЕ Е НА КРЛЕЖИ Што треба да знаете за опасностите од овие паразити

Иако нема детални статистики, во 2023 и во 2024 година беа забележани неколку сериозни инфекции и први потврдени случаи на смрт и енцефалитис од каснување на крлеж кај нас

288
Со доаѓањето на топлите месеци, особено во мај и во јуни, луѓето повеќе престојуваат на отворено, а ова, освен уживање, може да донесе и некои опасности.
мено, месеците мај и јуни се најактивните периоди за крлежите, мали паразити чиј убод е безболен и не предизвикува чешање, што значи дека можете да го имате на кожата без да го забележите.
Поради тоа, важно е да сте внимателни, особено после престој во природа, бидејќи крлежите можат да се закачат и да останат незабележани подолг период.
Кои болести ги пренесуваат крлежите?
Крлежите се хематофагни паразити – се хранат со крв. Откако ќе се закачат за кожата, може значително да пораснат.
Некои од нив се носители на опасни патогени како:
Бактеријата Borrelia burgdorferi – причинител на Лајмската болест
Вирусот на крлежно-пренесен енцефалитис (TBE)
Вирусот на Кримско-конго хеморагична треска (CCHF)
Иако нема детални статистики, последните години, поточно, во 2023 и во 2024 година кај нас  беа регистрирани случаи кои ја покажуваат реалната опасност што ја носат овие паразити.
Прв смртен случај од CCHF по 50 години
Во јули 2023 година, 27-годишна жена од село Кучица, општина Карбинци, починала откако била касната од инфициран крлеж од видот Hyalomma. Таа го отстранила крлежот сама, но неколку дена подоцна развила тешки симптоми – треска, болки и хеморагичен синдром. Починала на Инфективната клиника во Скопје.
По нејзината смрт, се заразил и медицински работник кој се грижел за неа. Вкупно се идентификувани 67 контакти, а случајот е потврден како прв смртен случај од Кримско-конго хеморагична треска (CCHF) во Македонија по повеќе од половина век.

Прв случај на TБE (крлежно-пренесен енцефалитис)

Во јуни 2024, 26-годишен маж развил невролошки симптоми откако се вратил од Швајцарија, каде што бил каснат од крлеж. Болеста TБE е потврдена преку серолошки тестови. Пациентот закрепнал, но ова е прв регистриран случај на TБE во земјава и покажува дека македонските граѓани се подложни на ризик и при патувања во ендемски европски региони.

Повеќе информации за Лајмската болест

Лајмска борелиоза е бактериска болест која се манифестира со појава на црвенило на кожата кое концентрично се шири на местото на каснувањето. Рабовите на црвенилото обично стануваат поизразени, а центарот избледува.

Покрај оваа кожна манифестација, може да се појави и покачена температура и чувство на слабост и премаленост.

Болеста успешно се лекува со антибиотици и поминува без последици.

Доколку се занемари црвенилото на кожата и не се примаат антибиотици, борелиозата може да се комплицира, предизвикувајќи менингитис, парализа на одредени мускули, артритис итн. Меѓутоа, доколку се лекува, болеста поминува без последици.

Повеќе информации за енцефалитис што се пренесува преку крлежи

Луѓето заразени со TBE доживуваат симптоми слични на грип како што се чувство на топлина и студ, главоболки, болки во мускулите и гадење.

Тешките симптоми: вкочанет врат, болка при гледање во силни светла, напади, ненадејна конфузија, слабост.

Иако сериозни инфекции како CCHF и TBE се ретки, тие се реална закана – како дома, така и при патувања. Случаите од 2023 и 2024 година нè потсетуваат дека не сме имуни. Превенцијата, свесноста и брзата реакција можат да спасат животи.

Како да се заштитите?

Носете светла, долга облека при престој во природа

Користете спреј против инсекти (репелент)

Проверете го телото, особено зад ушите, препоните, пазувите

При појава на температура, осип или главоболка – веднаш посетете лекар.

Ако не сте во можност веднаш да посетите лекар, важно е да знаете како безбедно да го отстраните крлежот:

Потребни ви се:

Фина пинцета (со остри, тесни врвови)

Средство за дезинфекција

Сапун и вода

Постапка:

Фатете го крлежот со пинцетата што поблиску до кожата – директно кај главата

Извлечете го полека и вертикално – без вртење или притискање

Дезинфицирајте го местото

Ставете го крлежот во затворена кесичка (за можен тест)

Измијте раце темелно

Немојте да користите: масло, вазелин, алкохол или слични средства пред вадење – може да го натерате крлежот да поврати и пренесе инфекции.

Поврзани содржини