ВНИМАНИЕ, ПОЧНУВА ИНВАЗИЈАТА ОД ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ! Нивното управување е уредено со закон, а за прекршителите следуваат казни
Скопјани често се жалат дека лицата кои управуваат електрични тротинети возат со брзина многу поголема од дозволената, особено на пешачките патеки и дека претставуваат опасност за нивата безбедност додека се движат.
Со почетокот на пролетта, како и со зголемените температури, од зимски сон ќе се разбудат жителите на Скопје, но и низ целата земја, кои во следните неколку месеци како превозно средство ќе го користат електричниот тротинет. Но дали секој од нив ги знае и ги почитува законските прописи при управувањето?
Скопјани често се жалат дека лицата кои управуваат електрични тротинети возат со брзина многу поголема од дозволената, особено на пешачките патеки и дека претставуваат опасност за нивата безбедност додека се движат. Исто така во билтените на МВР можеме да прочитаме за повредени возачи на електрични тротинети кои се движеле по коловозите и биле удрени од возила, па поради тоа потребно е лицата да се придружуваат до законските прописи.
Со измените на Законот за безбедност во сообраќајот и патиштата донесени пред неколку години се регулира учеството во сообраќај со електричен тротинет.
– Како поважни одредби со кои се регулира учеството во сообраќај со електричен тротинет се издвојуваат: возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци (се забранува движење со тротинет на коловоз); возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека, односно лента со брзина поголема од 25 km/h, додека по тротоар, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаци, не смее да се движи со брзина поголема од 6 километри на час – посочуваат од Републичкиот секретаријат за безбедност во сообраќајот.
Оттаму додаваат дека електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст; возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото (треба, но нема санкција за неносење); возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото. На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна.
За сите оние кои не го почитуваат законот следуваат казни во висина од 50 до 120 евра во денарска противвредност. Па така тротинети ќе се управуваат само по велосипедски патеки. Таму каде што нема, дозволено е да се вози по тротоар. Движењето на улица ќе се смета за прекршок и ќе се казнува со 80 евра.
Брзината со која се вози тротинет на велосипедска патека не смее да надмине 25 километри на час, на тротоар и пешачка зона максимумот е само 6 километри на час. Казната за пречекорување на брзината е 120 евра.
Возачот на тротинет треба да има наполнето 14 години и не смее да превезува други лица. Прекршувањето на овие одредби се казнува со 50 евра.
Задолжително е носењето заштитна кацига на главата како и жолт флуросцентен елек во вечерните часови или при појава на магла. Тротинетот треба да биде осветлен од предната и задната страна со бело односно црвено светло. Секој што ќе биде фатен без опрема ќе биде казнет со 50 евра.
Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо велат дека по однос на прекршоци сторени од страна на возачи на електрични тротинети, на територијата на Република Северна Македонија во 2022 година санкционирани се вкупно 66 возачи, a во 2021 година санкционирани се вкупно 29 возачи на електрични тротинети.
Оттаму упатуваат апел возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.
– Сите ние како учесници во сообраќајот мора да бидеме свесни дека треба да се придржуваме кон обврските и да ги почитуваме правилата, за на тој начин да останеме безбедни и да придонесеме за посигурни патишта и безбеден сообраќај, а не за да ја избегнеме казната од полицијата. Го поттикнуваме користењето на велосипеди и електрични тротинети кои како категорија на возила не придонесуваат во загадувањето и го намалуваат метежот во сообраќајот, но напоменуваме дека и тие возила мора да се управуваат одговорно, со почитување на пропишаните правила и прописи за безбеден сообраќај за сите нас – велат од МВР за Плусинфо.
Според состојбата на терен, може да се заклучи дека малкумина ги почитуваат овие законски прописи, особено кога станува збор за носењето шлем на главата, како и носењето рефлектирачки елеци. Поради тоа повеќето институции кај нас им препорачуваат на возачите на електрични тротинети да ги почитуваат правилата, бидејќи пред сѐ станува збор за нивната безбедност при управувањето на ова превозно средство, затоа што чести се паѓањата, а тие може да предизвикаат сериозни повреди.