„ВНЕСУВАЊЕТО МИЛИОН НЕИДЕНТИФИКУВАНИ МЛАДИ МАЖИ НЕМА ДА ДОВЕДЕ ДО НИШТО ДОБРО“ Унгарија ги отфрла мигрантските квоти на ЕУ
Повеќето европски влади повеќе не ја споделуваат позицијата на Европската Комисија, само 9 од 27-те земји-членки на ЕУ изразиле подготвеност да прифатат илегални имигранти, според планот за квоти наметнат од Брисел, вели главниот советник за внатрешна безбедност на премиерот Виктор Орбан, Ѓерѓ Баконди.
Унгарија и натаму го отфрла системот на задолжителни мигрантски квоти на Европската Унија, а сè поголем број земји-членки, исто така, изразуваат фрустрација од пристапот на Брисел кон имиграцијата.
Главниот советник за внатрешна безбедност на премиерот Виктор Орбан, Ѓерѓ Баконди, денеска истакна дека повеќето европски влади повеќе не ја споделуваат позицијата на Европската Комисија, која продолжува да се потпира на распределба на мигрантите низ ЕУ како решение за тековната мигрантска криза. Според Баконди, само 9 од 27-те земји-членки на ЕУ изразиле подготвеност да прифатат илегални имигранти, според планот за квоти наметнат од Брисел.
Унгарија не одговорила на повикот и нема намера да учествува во она што Баконди го нарече „сериозно погрешна одлука“. Тој нагласи дека додека Брисел инсистира на редистрибуција, неколку земји, вклучително Германија, Данска, Полска, Австрија, Словачка, Хрватска, Словенија, Италија и Шпанија, ги зајакнале граничните контроли и започнале порешителни процедури за депортација.
Поострото спроведување на мерките на море од страна на Шпанија и Италија пренасочило голем број илегални мигранти од Африка кон грчките острови, што ја принудило Грција привремено да го суспендира разгледувањето на барањата за азил преку нов закон донесен од нејзиниот парламент. Други земји вовеле дополнителни ограничувања, како ограничување на спојувањето на семејства и укинување на готовинските исплати за илегалните имигранти, за да се спречи финансирање мрежи за криумчарење луѓе.
Баконди оцени дека овие мерки се поттикнати од зголемената свест кај европските граѓани за социјалните и безбедносните последици од неконтролираната илегална имиграција.
– Луѓето во националните држави ги гледаат последиците од прва рака – рече тој на унгарската национална телевизија.
Унгарија, додаде тој, пред една деценија предложи модел фокусиран на заштита на границите, спречување на илегален влез и барање азил да се поднесува надвор од границите на ЕУ – пристап што неодамна почна да добива поддршка низ Европа.
Зборувајќи за радиото „Кошут“, Баконди предупреди на последиците од масовната миграција.
– Не е тешко да се разбере дека внесувањето на милион неидентификувани млади мажи годишно нема да доведе до ништо добро – рече тој.
Советникот на Орбан, исто така, ги доведе во прашање ветените придобивки од миграцијата, велејќи: „Ни беше кажано дека миграцијата ќе донесе многу предности, но врз основа на она што го гледаме на границите, не сретнавме ниту еден неврохирург меѓу нив“.
Според него, она што пристигнало се агресивни, организирани групи често поврзани со криминални мрежи.