ВНАТРЕШНИТЕ БИТКИ ВО КРЕМЉ Герасимов беше жртвено јагне, кој ќе понесе одговорност за неуспехот?
Сите тие се жртвени јарци. Треба да внимаваат ако управуваат со нешто во рускиот систем, бидејќи тоа можеби нема да трае долго. Има тензии во системот. Колку и да го почитуваат поранешниот член на КГБ (Путин) затоа што е силен лидер, Рускиот Генералштаб ќе стане одговорен за хаосот што претседателот го предизвика, рече Валас.
Додека трае војната, Кремљ води не една, ами две битки. Втората е внатрешната кавга во која првите генерали меѓусебе се обвинуваат и пробуваат да го најдат, или да го наместат виновникот за руските неуспеси во Украина. Генералите всушност се плашат дека Путин ќе ги ликвидира или казни, пренесува Тајмс.
Ова го забележа и британскиот министер за одбрана, Бен Валас, кој тврди дека генералите биле испратени на терен „да го решат хаосот во кој се наоѓаат преку викање на луѓето (на војниците), што обично не дава најдобар резултат“. Тој тврди дека дури и Валери Герасимов, началникот на Генералштабот на руската армија, бил испратен во Донбас како жртвено јагне.
– Сите тие се жртвени јарци. Треба да внимаваат ако управуваат со нешто во рускиот систем, бидејќи тоа можеби нема да трае долго. Има тензии во системот. Колку и да го почитуваат поранешниот член на КГБ (Путин) затоа што е силен лидер, Рускиот Генералштаб ќе стане одговорен за хаосот што претседателот го предизвика – рече Валас.
Украинските сили за малку ќе го погодеа објектот каде Герасимов бил со челниците на војската од Донбас, а потоа се врати во Русија за да биде сменет од Путин. Тој само формално ќе остане генерал, а беше еден од архитектите на целата „воена операција“ во Украина.
Кавги за снабдувањето и оружјето
Кавгите не се само околу стратегијата на Русија во Украина, туку и за снабдувањето на армијата со оружје и опрема, кои брзо ги снемува поради јакиот украински отпор.
– Путин потенцијално има проблем, бидејќи стапката на трошоци и интензитетот на борбата е сосема поинаква од она што тој го планираше на 24 февруари. Станува збор за сериозно влијание врз руските вооружени сили. Видовме дека 25 отсто од нивните сили се ефективно неефикасни, било да се убиени или пак се оштетени нивните тактички борбени групи – изјави за Дејли Меил адмиралот сер Тони Радакин.
Русите немаа време да закрепнат по повлекувањето од Киев
Тој додаде дека Путин нема никој меѓу неговите соработници и советници кој би му рекол едноставно да се откаже од Украина. Адмиралот Радакин смета дека, иако постоела можност руските војници навистина да го окупираат Донбас, тие немале време за потребните подобрувања и подготовки по нивното повлекување од околината на Киев.
– Секој ден гледаме дека Русија се бори да добие импулс, да ги усогласи своите воздухопловни сили со нејзините копнени сили и да го добие она што ние го нарекуваме модерна кампања што го создава тој моментум – рече Радакин, додавајќи дека Русите ги очекува „тешка неволја“ поради политичкиот притисок за победа на теренот.
Случајот со групата руски војници кои ја тужат армијата откако беа нечесно отпуштени затоа што одбија да се борат во Украина покажува колку е неуредена руската армија. Дури 25 членови на „Росгвардија“ го тужеа командантот на Севернокавкаскиот округ, генерал-полковник Сергеј Захаров затоа што тој ги испрати дома откако тие ја одбија неговата наредба. Според адвокатот и активист за човекови права Павел Чиков, судењето треба да започне во сабота.
Меѓу 20 и 40 отсто руски војници одбиле да одат во војна?
Судскиот случај се обидува да ја докаже незаконитоста на одлуката за нечесно ослободување само врз основа на тоа што војниците ја одбиле наредбата. Стотици други војници од најмалку 17 руски градови побараа правна помош во слични случаи. Вистинскиот број на регрутирани војници кои одбиле да одат во Украина би можел да биде, според некои процени, меѓу 20 и 40 отсто.
Инаку, „Росгард“ е специјална единица која е директно одговорна пред рускиот претседател. Нејзините трупи беа испратени во Украина на почетокот на војната кога Кремљ очекуваше брзо предавање на земјата. Целта била стражарите да воведат ред во украинските градови, но голем број од нив биле убиени. Точните бројки никогаш не беа објавени.