Не очекувавме на Вилма Рускоска и Добрила Кацарска да им се допаднат спотовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ја отсликуваат вистината, исто како што на Македонија не и се допаѓа тоа што во државата се амнестира криминалот, велат од партијата.
„Вилма Рускоска молчи за изјавата дека се дадени 300 илјади евра на Рашкоски и Заев, за 6-те милиони евра изнуда на братот на судијката Димишкова, за туцето пари на Ден Дончев, за тоа како луѓе од власта нарачуваат палење на автомобили и други случаи. Нема потреба од нови амнестии за Заев, обвинителството го прави тоа за него. Очигледно Вилма Рускоска и Добрила Кацарска освен тоа што не реагираат за криминалот во државата, се чини дека стануваат и адвокати на Зоран Заев“ реагира ВМРО-ДПМНЕ откако шефицата на Основното јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера до ВМРО-ДПМНЕ доставила опомена пред тужба за клевета поради дел од содржината на изборниот спот на опозициската коалиција, насловен како „Криминална приказна“.
За истиот спот реагираше и судијката Добрила Кацарска.
„Веројатно спотот со приказната за Зоки, Рада, Вицето и ликот Вилма која дава можност политичарите да одберат обвинение за своите противници дополнително ја допрело обвинителката Вилма Рускоска која во името „Вилма“ се препознала себеси како извршител на нарачките од Заев. Во однос на спотот сите совпаѓања со спотот на ВМРО-ДПМНЕ се случајни, освен оние кои не се. А, за второто видео за кое реагира Вилма Рускоска и Кацарска ја отсликува жалната реалност дека Рускоска и Кацарска станаа синоним за неправдите на Зоран Заев и Луј Витон правниот систем во Република Македонија. Истиот тој систем овозможува неказнивост на криминалот, а тоа ќе се реформира по 15 јули“, велат од најголемата опозициска партија.