ВМРО-ДПМНЕ: Заев во скопски ресторан договарал заташкување на „Рекет“ – ќе вадите докази или да вадиме?!
Дали е точно дека Заев јавно се заканувал со зборовите 'нема да се стигне до парите па макар и владата да падне‘? - наведено е во соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ ја ишка мувата од капата со случајот Орце Камчев, кој е во затвор затоа што парите од рекетот се кај Зоран и Вице Заев, а токму ова го кажа и првоосудениот за рекет Бојан Јовановски, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, денеска обвини дека за Христијан Мицкоски најважно е да го брани Камчев и дека затоа не ги бара партиските пари.
„Оттука Заев треба да одговори дали е точно дека во еден ресторан на периферијата од Скопје, заедно со министерот за внатрешни работи, една обвинителка и адвокат договарале заташкување на случајот ‘Рекет‘ и замолкнување на можниот сведок Орце Камчев? Дали е точно дека Заев јавно се заканувал со зборовите ‘нема да се стигне до парите па макар и владата да падне‘? Дали Луј Витон торбата со рекетираните пари е токму на улицата ‘младинска‘ во Струмица каде што е семејната куќата на Заеви? Дали на тој состанок во скопскиот ресторан е токмен план како да се заобиколи правдата? Ќе извадите докази за ова, или да вадиме? Зоран Заев еднаш криминалец-секогаш криминалец“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.