ВМРО-ДПМНЕ ВОДИ ВО КАРПОШ Мицкоски најави убедлива победа на Лукровски уште во првиот круг
Мицкоски порача дека над 65% од карпошани не сакаат реизбор на Јакимовски и дека Лукровски е подготвен да го врати редот и достоинството во општината.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на синоќешниот митинг во Карпош порача дека Венко Филипче и актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски се дел од истиот систем, кој, како што истакна, „мора да се промени“. Тој додаде дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, убедливо води на анкетите и дека Карпош е подготвен за вистински промени.
– Тука сме во Карпош, каде граѓаните се соочуваат со феномен на киднапирање на општината за лични интереси и криење зад функцијата. Без функцијата, тој човек е ништо – рече Мицкоски, алудирајќи на актуелниот градоначалник Јакимовски.
Тој обвини дека Јакимовски и раководството на СДСМ тајно правеле политички пазарења со цел да се обезбедат дополнителни гласови за актуелниот градоначалник.
– Народот не е квантум на гласови, тоа не се вреќи што ќе ги купите и претурите. Тоа се луѓе со судбини, семејства со мечти и амбиции. А анкетите се јасни, дури и од Горни Милановац да донесат гласачи, повторно нема да им успее – нагласи Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се повика на најновите анкети, според кои над 65 проценти од карпошани сметаат дека актуелниот градоначалник не заслужува реизбор, додека Лукровски е убедлив фаворит уште во првиот круг.
– Го познавам Лукровски многу добро, човек со срце како планина, кој знае да слуша, да помогне и да испорача резултати. Тој е човек на принципи, кој ќе застане во одбрана на Карпош кога ќе се заканат лоши бизнис интереси – изјави Мицкоски.
Мицкоски му упати и порака на Лукровски, велејќи дека оваа изборна кампања ќе биде полна со напади и манипулации, но дека искрената цел и поддршката на граѓаните ќе победат.
– Почитуван Сотир, знам дека за првпат ја гледаш прљавата страна на политиката одблизу. И јас тоа го искусив одамна – кога ме навредуваа, саботираа и лепеа етикети. Но преживеавме и победивме. Знам дека твојата цел е да ја исчистиш политиката од калта и бахатоста, и во тоа секогаш ќе ја имаш мојата поддршка – рече Мицкоски.
Тој заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните ќе ја врати надежта и оптимизмот во Карпош, со дела, а не со празни ветувања.
– Сите како еден, рамо до рамо со народот, ќе ја изградиме иднината што ја заслужуваме. Делата мора да зборуваат за нас, а не зборовите – порача Мицкоски.
ЃОРЃИЕВСКИ ВЕТИ РЕШАВАЊЕ НА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС За шест месеци ќе биде пуштен мостот на Љубљанска