ВМРО-ДПМНЕ ВОДИ ПРЕД СДСМ, ГРУЕВСКИ НАЈПОПУЛАРЕН ПОЛИТИЧАР Анкета на ИРИ покажува дека 58% од граѓаните сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока
На прашањето за насоката на движење на земјата, само 13% од македонските граѓани одговориле дека земјата се движи во вистинска насока, додека 58% одговориле дека се движи во погрешна насока. Дваесет и осум проценти од испитаниците биле неутрални.
Новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија покажува незадоволство од насоката во која се движи земјата, силна поддршка за членството во Европската Унија (ЕУ) и зголемување на позитивните перцепции за Кина и за Турција.
На прашањето за насоката на движење на земјата, само 13% од македонските граѓани одговориле дека земјата се движи во вистинска насока, додека 58% одговориле дека се движи во погрешна насока. Дваесет и осум проценти од испитаниците биле неутрални.
На прашањето „Ако утре се одржат парламентарни избори, за која партија би гласале“ за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19%, за СДСМ – 11%, за ДУИ – 7%, за Левица – 6%, не би гласале 12%, а не знаат за кого би гласале 21%.
– Со зголемувањето на инфлацијата и цената на електричната енергија и другите економски предизвици со кои се соочува Северна Македонија во моментов, нашите податоци покажуваат дека луѓето не веруваат дека земјата се движи во вистинската насока. Креаторите на политики на национално ниво ќе треба да останат фокусирани на економските прашања доколку сакаат да ги сменат овие бројки – рече Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.
Анкетата исто така покажала силна поддршка за членството во ЕУ, и покрај падот од 11 процентни поени од ноември 2021. Седумдесет и три отсто од македонските граѓани сакаат да влезат во ЕУ, а 24 отсто не се за влез во ЕУ.
На прашањето „Кој е омилен политичар“ 7% добил Никола Груевски, 6% Христијан Мицкоски колку и Али Ахмети, а Димитар Ковачевски има 5%. Зоран Заев има 2% исто колку и Бранко Црвенковски, а за „Ниеден“ се изјасниле 38%.
– Многу е охрабрувачки да се види таква силна поддршка за членство во ЕУ, бидејќи има и недемократски актери кои напорно работат за да ја подобрат својата положба во земјата – вели Мекарти.
Анкетата покажа дека 87 отсто од македонските граѓани силно се согласуваат или донекаде се согласуваат дека силните односи со Турција најдобро ѝ служат на интересите на земјата. Шеесет и пет проценти истото го мислат за Кина. Овие бројки претставуваат мало зголемување од претходната анкета на ИРИ, и за Турција, и за Кина.
Анкетата е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од Брима, фирма за истражување на пазарот (членка на Тејлор Нелсон Софрес и Галуп Интернешнл). Податоците се собрани од 23 септември до 13 октомври, 2022, со повеќестепен стратификуван примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Анкетиран е национално репрезентативен примерок од 1.207 испитаници на возраст од 18 години и повеќе. Податоците се пондерирани според возраст, пол, регион, населеното место (урбано/рурално) и етничката припадност. Маргината на грешка е ± 2,8 поени на ниво на доверба од 95%. Стапката на одговор е 69%.
Анкетата е направена со поддршка на Националниот фонд за демократија (НЕД).