ВМРО-ДПМНЕ: Во ек на корона криза околу 36.000 граѓани останаа на улица

483

Неспособноста на владата предводена од Зоран Заев удри по грбот на граѓаните. Во ек на корона криза за 5 месеци останаа околу 36.000 граѓани на улица. Ова го укажува и истражувањето на „Рефлектор“ кое ги има истражувано податоците на Агенција за вработување, вели ВМРО-ДПМНЕ.

„Според податоците на Агенција за вработување, кон крајот на август, 36.362 повеќе лица бараат работа, за разлика од крајот на март кога веќе се затвораа локалите како мерка против пандемијата на коронавирусот. Резултатите покажуваат дека доколку во април Агенцијата за вработување регистрирала 107.732 лица кои активно барале работа, кон крајот на август бројката на лица кои бараат работа е во пораст и изнесува 144.094 лица. Со податоци на Агенција за вработување, во април и мај се зголемил бројот на невработени лица за 12.297“, тврди ВМРО-ДПМНЕ.






Над 500.000 граѓани живеат на раб на егзистенција, со 40-тина денари на ден, реагира опозицијата.

„Податоците исто така укажуваат дека во февруари просечната плата изнесувала 27,206 денари, во март се забележува намалување од 784 денари, па мартовската просечна плата изнесува 26.422 денари. Сепак, трендот на намалување продолжува и во април со намалување од 592 денари и априлската плата е сведена на 25.830 денари. Со тоа, разликата помеѓу платите во февруари и април изнесува 1376 денари. Но власта наместо да се залага да го подобри животот на граѓаните, се залага за полнење на нивните џебови. Во ек на пандемија оваа криминогена власт се дрзна да ја поскапи цената на струјата за 7,5%, со што народот ќе го плаќа недомаќинското работење на енергетските компании од кои Заеви на различни начини испумпуваат милиони евра“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Неспособноста на власта се гледа и по пропаѓањето на Еуростандард Банка, се додава во реакцијата и се наведува дека според извештаите по пропаѓањето на оваа банка само околу 10 проценти од лицата успеале да отворат сметки во други банки, што значи дека околу 90.000 граѓани ќе останат без своите пари наредниот месец.

Оваа влада е со краток рок на траење. Од нејзе можеме да очекуваме само неуспеси и разочарувања, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини