ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ направи целосен колапс, платформата за онлајн настава не издржа ни 30 минути

329

 

Владата на СДСМ на само два дена пред и така одложениот старт на учебната година направи целосен колапс на образовниот систем. Денешното тестирање на Националната платформа на министерството за образование за одвивање на онлајн настава не издржа ни 30 минути. Ваквиот колапс предизвикува премногу конфузија кај наставниот кадар, но и кај самите родители и ученици, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција.






– Откако учениците и наставниците ги добија своите насоки за работа на платформата, истата се покажа целосно нефункционална. Најпрво, учениците и наставниците не можеа да воспостават пристап до платформата, а потоа воопшто немаа можност за вклучување. Исто така, како една од главните причини поради нефункционалноста на платформата е и големата преоптовареност од корисници. Се поставува прашањето, како за два дена ќе се обезбеди непрекинат пристап и целосна достапност на платформата која како што ја најавија има за цел да обедини 270 илјади ученици? – прашува Митева.

И покрај проблемите со користењето на националната платформа, сепак над 40 илјади деца во државата нема да можат да следат онлајн настава бидејќи немаат компјутер со потребните спецификации. 

– Владата имаше цели 8 месеци да подготви издржано решение, а ние денес на само неколку дена пред стартот на учебната година имаме огромен неуспех. Наместо институционални одговори и решенија имавме политички кампања – рече Митева.

 

Поврзани содржини