ВМРО-ДПМНЕ ВЕЛИ ДЕКА ТРЕНДАФИЛОВ САКА ДА СЕ ПРЕТСТАВИ КАКО ЖРТВА, ТОЈ ПОБАРА ОДГОВОРИ ЗА СНИМКАТА СО НЕГОВИТЕ ДЕЦА Продолжуваат блокадите на синдикатите
Претседателот на ССМ побара МВР, министерот Тошковски и Обвинителството веднаш да преземат мерки против пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, која, како што рече, „му ги објавила малолетните деца за да може сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“. Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа да пријави во надлежните институции ако смета дека му е загрозена приватноста.
Фијаското на протестите на ССМ и на Слободан Трендафилов пред Собранието, како и обелоденување на партиската позадина која стои зад протестите, се причина за огромната нервоза на Трендафилов, кој сака да се претстави како жртва на политички прогон, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако синдикалниот лидер обвини дека е следен заедно со неговите малолетни деца.
„Трендафилов користејќи ја ситуацијата на жртва, призна дека има 57.000 денари плата, како и дека користи службено возило. Човекот кој лицемерно се ‘бори’ за зголемување на минималната плата за 200 евра и останатите плати за 100 евра, призна дека зема околу 1.000 евра плата, или 2,5 минимални плати, а нашите сознанија говорат и дека добива дополнителни финансиски средства во форма на бонуси и додатоци. Доколку Трендафилов смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции. Дополнително, го советуваме Трендафилов, помалку да ги слуша советите од Филипче, а повеќе да се интересира за интересите на работниците. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе работи на зголемување на платите во сите сектори“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ССМ денеска на прес конференција побара МВР, министерот Панче Тошковски и Обвинителството веднаш да преземат мерки против пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, која, како што рече, „му ги објавила малолетните деца за да може сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“. Тој побара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.
– Поставувам прашање до министерот за внатрешни работи: дали службите го следат претседателот на ССМ и дали му ги снимаат децата на претседателот на ССМ? Дали се поединци и ако се поединци, веднаш да ги уапсат. Јавниот обвинител веднаш да покаже дека правдата е еднаква за сите и дека сите ќе ги стигне – рече Трендафилов.
Тој додаде дека објавувањето малолетни деца е злоупотреба и дека за овој случај ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на ЕУ, братските синдикати на Меѓународната и на Европската конфедерација на синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска соопшти дека утре ќе има блокада на Стопанската комора, на Организацијата на работодавачите и на Бизнис-конфедерацијата. Блокадата ќе почне во 12 часот на крстосницата пред Стопанската комора.
– Повторно ќе бидеме 21 претставник на Синдикатот, онолку колку што е потребно во согласност со законскиот минимум за да излеземе на улица и да блокираме. Пред Стопанската комора ќе блокираме газди што ги блокираат работниците 36 години. Газди што одбија до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати и да ја зголемат минималната плата, а кукаат дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не може да ги задржат. Ќе блокираме газди што се исплашија од нападите на Владата и од политичките партии – рече Трендафилов и додаде дека ќе блокираат сè додека не се донесе одлука за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите други за 6.000 денари.
Трендафилов ги повика работниците утре да им се придружат барем на пет минути. По завршувањето на блокадите, тој најави дека ќе повикаат на голем работнички протест, на кој ќе организираат превоз од сите градови. Тој протест ќе биде организиран во неработен ден за да излезат многу повеќе работници и ќе биде најава за генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор доколку и понатаму, како што рече, се продолжи со игнорантски однос кон нивните барања.
Тој рече дека има плата од 57.000 денари и нема да се откаже сè додека не се постигне зголемување на работничките плати.