ВМРО-ДПМНЕ вечерва остави тегли со „чист воздух од врвот на Водно“ пред владата ГАЛЕРИЈА

Бараме наместо милијардите дадени за поткуп, тендери и други проневери да се обезбедат пари за намалување на загадувањето и тоа веднаш, беше порачано од протестот.

550

Здравјето на граѓаните нема цена, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ на денешниот протест кој поради огромните бројки на заболени од коронавирусот, вечерва е со намален број на присутни, затоа што се почитуваат законските мерки.

– Се наоѓаме на прагот на грејната сезона, а мерните станици за загаденост на воздухот мерат 5-6 пати зголемено количество на канцерогени ПМ-10 честички во воздухот како во Скопје, така и во Битола, Тетово, Кичево и други градови низ Македонија. Загадениот воздух убива кога власта е неспособна. Зоран Заев пред 4 години вети дека откако ќе дојде на власт веднаш ќе го подобри квалитетот на воздухот и ќе го намали загадувањето. Зоран Заев ветуваше дека државата ќе инвестира во подобрување на квалитетот на животната средина и атмосферскиот воздух. 4 години потоа Зоран Заев нема спроведено ниту една мерка во насока на намалување на загадувањето. Македонија секоја зима се гуши. Скопјани дишат отров наместо воздух. И ниту Заев, ниту Шилегов како градоначалник на Скопје не направија ништо  конкретно за намалување на загадувањето – рече Јелена Жугиќ.






Таа додаде дека воздухот никогаш не бил позагаден, а негрижата на власта за здравјето на сопствените граѓани никогаш не била поголема.

– Зоран Заев, човекот што на цел глас викаше, верувам се сеќавате „Ајро, Ајро, Ајро“ сега седи во премиерската фотелја во зградата зад нас, дели тендери на потесното семејство и воопшто не му е грижа за граѓаните кои се гушат во смог – рече Жугиќ.

ВМРО-ДПМНЕ вечерва остави тегли со чист воздух од врвот на Водно пред влада, бидејќи воздухот што го дишеме е се само не е чист.

– Чистиот воздух станува привилегија. Граѓаните се осудени да се гушат во смог заради неспособната власт, и нема да не изненади ако некоја следна бизнис идеја за која ќе бидат потрошени народните пари биде токму чист воздух во тегла. Иронично, но за жал крајно, крајно трагично! Ова е црвен картон и за Заев и за Шилегов. И сега кога светот е погоден од најголемата пандемија на новиот век загадениот воздух е опасен катализатор за вирусот, бидејќи тој служи како трансмитер на истиот. Се соочуваме со проблеми од невидени размери. Токму затоа побаравме власта најитно да ги ослободи од работа хронично болните и бремените жени кои се под особена опасност како од пандемијата која галопира, така и од енормно загадениот воздух – рече Жугиќ.

Бараме наместо милијардите дадени за поткуп, тендери и други проневери да се обезбедат пари за намалување на загадувањето и тоа веднаш – беше порачано од протестот.

Осен во Скопје, се протестираше и во Струмица, во Битола, во Тетово и во Куманово.

Поврзани содржини