ВМРО-ДПМНЕ УТВРДИ УШТЕ 16 КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ Партијата оди на голема историска победа
Секој кандидат е почитуван како индивидуа во населеното место од кое доаѓа и сите важат за искрени, чесни и работливи луѓе кои си го одржуваат дадениот збор и кои ќе бидат вистински татковци на градот, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва утврди уште 16 кандидати за градоначалници за претстојните локални избори на 19 октомври.
– На редовната седница се дискутираше за состојбата во државата и за растот на економијата која се случува како плод на силната посветеност на Владата. Се разгледаа и избраа неколку кандидати за градоначалници. Промените кои се случуваат на централно ниво и силната работа која е очигледна мора да продолжи и на локално ниво, до секое едно маало – изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.
Вечерва ИК на ВМРО-ДПМНЕ ги избра следните кандидати за градоначалници:
Сопиште – Јане Мицевски
Кичево – Александар Јовановски
Крива Паланка – Оливер Алексовски
Маврово Ростуше – Онер Јакуповски
Кривогаштани – Сашо Граорковски
Шуто Оризари – Ерџан Демир
Крушево – Нико Чонески
Валандово – Ѓоко Камчев
Виница – Митко Костадиновски
Демир Хисар – Никола Најдовски
Чешиново-Облешево – Јордан Костадинов
Радовиш – Љупчо Почивалец
Чашка – Дејан Андоновски
Прилеп – Дејан Проданоски
Струмица -Петар Јанков
Неготино – Марија Нацева
Во Куманово и во Центар ќе бидат поддржани кандидатите кои ќе бидат предложни од коалициската партија ЗНАМ.
– Убедени сме во способноста на секој еден избран кандидат. Тоа се луѓе кои се докажани во своите области и сектори на работа. Секој еден кандидат е почитуван како индивидуа во населеното место од кое доаѓа и сите важат за искрени, чесни и работливи луѓе. Луѓе кои си го одржуваат дадениот збор и кои ќе бидат вистински татковци на градот – рече Сајкоски.
Изминатава година граѓаните ги почувствуваа придобивките од новиот пристап на работата, додаде тој.
– Се помогнаа општините со 250 милиони евра, со кои се решија децениски проблеми со кои се соочуваа нашите граѓани. И тука не запираме, продолжуваме и повторно со нови проекти. Кандидатите за градоначалници имаат навистина одлична можност, да го продолжат вистинскиот пат кој ние го започнавме и го водиме овие 4 години како локална и 1 година како централна власт. ИК на ВМРО-ДПМНЕ врз база на внатрепартиски анализи и сондажи заклучи дека партијата оди на уште една историска победа на претстојните локални избори. На претстојните избори нè очекува голема победа, а потоа многу работа и посветеност за секое место – рече Сајкоски.