ВМРО-ДПМНЕ: Со менувањето на учебниците по географија се гази историјата, Заев да ја консултира науката
Премиерот Зоран Заев со најавата за менувањето на учебниците по географија прави своеглаво газење на историјата на оваа земја, иако му вети на македонскиот народ дека ништо нема да се менува. Наместо да ја менува историјата во учебниците само за да го задржи своето место на политичката сцена во Република Македонија, го повикуваме веднаш да почне консултации со научната јавност во државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
– Дали е ова обид за уште едно бришење на македонската културна посебност? Во оваа држава постои Институт за историја, постои научна фела, постојат илјадници научно-истражувачки трудови, постои државна архива каде со факти се докажува постоењето на овој народ. Прочитајте барем една страница од небројниот тон страници пишувани на оваа тема, за нештата да ви станат појасни – велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ ја повикува министерката за образование Мила Царовска и како што велат, нејзиниот шеф, Зоран Заев, веднаш да престанат со менување на македонската историја. Да престанат со играњето со чувствата на народот и конечно да почнат да се занимаваат со реални проблеми. Историските факти не може да се сменат само заради сочување на функционерската фотеља на Царовска и Заев, смета партијата.