ВМРО-ДПМНЕ СО БАРАЊЕ ДО ЈО Коцевски да не молчи за незаконското следење и злоупотребата на АНБ и АР
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека службите на АНБ и АР биле злоупотребувани од СДСМ и ДУИ за политички пресметки и бара итна реакција од Јавното обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од Јавното обвинителство и обвинителот Љупчо Коцевски да не молчат и итно да реагираат за, како што велат, незаконското следење на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, новинари, бизнисмени и други функционери.
„ЈО да не молчи, туку да спроведе темелна и транспарентна истрага за злоупотребата на службите на АНБ и АР. Граѓаните имаат право да знаат кој стои зад политичките пресметки со помош на институциите“, соопштија од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека во изминатите пет години службите биле ставени под целосна контрола на СДСМ и ДУИ.
„На тој начин се нарушија човековите права и беше нанесен тежок удар врз демократијата и правната држава“, додаваат од партијата.
„СДСМ пет години ги рушеше темелите на системот и правната држава само заради теснопартиски интереси и останување на власт. За таа цел, велат, се конструирале белешки од АНБ“, стои во соопштението.
Од опозицијата сметаат дека ЈО и обвинителот Коцевски се претвориле во „сервис на власта“.
„Коцевски директно сноси одговорност за мизерната доверба во правосудството која е под 2 проценти. Молкот на Коцевски е соучество и организирано прикривање на незаконското следење“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачуваат дека ЈО мора да открие кој стои зад незаконското следење на претседателот Мицкоски и кој ги злоупотребил АНБ и АР за политички пресметки.