„ВМРО-ДПМНЕ СЕ ВРАТИ, А СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ ЗАМИНА“ Кузеска за извештајот на „Репортери без граници“

77

За прв пат после 8 години Македонија бележи пад од 6 места на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година, објавен од „Репортери без граници“, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

– После осум години постојан напредок под водство на владите на СДСМ ваков драстичен пад се случува за прв пат. Од 118-то место во 2016 година, со СДСМ Македонија напредуваше до 36-то место, на најдобро место во регионот, благодарение на посветените политики за слобода на говорот, транспарентност и независност на медиумите. Овој континуиран напредок на слободата на медиумите сега е сериозно загрозен. ДПМНЕ се врати – слободата на медиумите замина. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се под притисок, а медиумскиот простор се стеснува. Денес тоа повторно се случува. „Репортери без граници“ алармираат дека новинарите се изложени на закани и напади, а владините функционери покажуваат понижувачки ставови кон медиумските работници.  Наместо да ги унапредува демократските стандарди, Владата предводена од ДПМНЕ ги враќа добро познатите методи на контрола, притисоци и страв. Ова е јасен аларм за загрижувачката насока во која оди државата под власта на ДПМНЕ. Ја повикуваме јавноста, граѓанските организации и меѓународната заедница на будност, ова се загрижувачки тенденции.  Слободата на медиумите е темел на секое демократско општество и не смее да биде жртва на партиските апетити и авторитарните амбиции на ДПМНЕ. СДСМ останува цврсто на страната на слободното новинарство и ќе продолжи да се бори против секоја форма на цензура, притисок и медиумска репресија – рече Кузеска.

Поврзани содржини