ВМРО-ДПМНЕ ПРОГЛАСИ ПОБЕДА ВО ПРВ КРУГ ВО 18 ОПШТИНИ Граѓаните му испратија порака на СДСМ
Очигледно е дека граѓаните испратија порака до нас, рече Стефан Богоев од СДСМ на гостување во ТВ Сител.
ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во прв круг во Аеродром, Велес, Бутел, Виница, Пехчево, Гази Баба, Градско, Зелниково, Зрновци, Карбинци, Кратово, Могила, Новаци, Петровец, Прилеп, Сопиште, Свети Николе и во Штип.
Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, партијата има убедливо водство во Битола, Охрид, Богданци, Свети Николе, Ѓорче Петров, Гази Баба, Кичево, а од обработени 50 отсто од гласовите Данела Арсовска води во Скопје.
Стефан Богоев од СДСМ вели дека владејачката партија води во Делчево, Берово, Богданци, Дојран, Крушево, Кривогаштани, Валандово, Крива Паланка, Карпош, како и дека нивните податоци не се совпаѓаат со податоците од ВМРО-ДПМНЕ.
– Очигледно е дека граѓаните испратија порака до нас – рече тој на гостување во ТВ Сител.
Николовски го повика лидерот на СДСМ Зоран Заев да излезе и да ѝ честита победа на опозицијата.
– Нема општина во која немаше поткуп и нема функционер на СДСМ кој не вршеше поткуп. Имавме апсолутно недемократска атмосфсера, а граѓаните се спротиставија на тоа со гласање за опозицијата – рече Николовски.
Во меѓувреме победа на изборите во Охрид, прогласи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков.
– Сите кои живеат во Охрид недвосмислено ја искажаат поддршката за ВМРО-ДПМНЕ – рече Пецаков пред изборниот штаб.
Неговите приврзаници започнаа да слават по улиците во Охрид.