ВМРО-ДПМНЕ предлага намалување на ДДВ за фактурираната електрична енергија од 18 на 5 отсто

Ќе почекаме Владата да го предложи, ако не ние ќе го поднесеме како пратеничка група, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најавувајќи дека тоа ќе го направат преку собраниската Комисија за финансирање и буџет

273

Цената на електричната енергија би можела да се зголеми за 15 отсто од сегашната, смета лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. За да не дојде до вакво зголемување на цената на струјата, опозициската партија предлага намалување на ДДВ-то за фактурираната електрична енергија од 18 на 5 отсто.

Тој денеска на средба со новинарите потенцира дека зголемувањето на цената на струјата би значело голем удар за стандардот на граѓаните и за економијата во земјата.






Мицкоски смета имаме најголема маржа за електрична енергија во висина од 11, 5 отсто во споредба со европските земји.

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто за фактурираната електрична енергија.

– Ќе почекаме Владата да го предложи, ако не ние ќе го поднесеме како пратеничка група – рече Мицкоски, најавувајќи дека тоа ќе го направат преку собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Лидерот на опозициската партија на средбата со новинарите истакна дека според нивните согледувања недостасува една милијарда евра буџетски средства.

– Ако го анализираме периодот од 1 јану 2018 до 31 декември 2020, три години БДП се зголемил за 700 милиони евра, а јавниот долг за една милијарда и 700 милиони евра. Една милијарда ја нема. Не знам дали сме свесни – рече Мицкоски додавајќи дека тие пари се позајмени и ги нема во економијата.

Според него овие пари ги нема на сметката на НБРМ во форма на депозити, а ги нема ниту во државните резерви. Неговите сомневања се дека тие пари се украдени и дека некаде стојат во „кеш“.

– Каде? Не велам дека се кај еден, двајца, петстотини или пет илјади луѓе, но дефинитивно се украдени. Тоа се пари на граѓаните, што ние треба да ги враќаме – рече Мицкоски, кој смета дека ако вака продолжиме државата ќе биде пред колапс и банкрот.

Поврзани содржини