ВМРО-ДПМНЕ повикува на протести во 15 часот додека Заев не открие што преговара со Бугарија
Од денес, па во наредните денови ќе почнат блокади под мотото „Доста е. Излези за Македонија“ во десет градови низ државата, меѓу кои и три локации во Скопје, во времетраење од 15 до 17 часот со цел, како што вели ВМРО-ДПМНЕ, јавноста да дознае какви концесии и отстапки ветил Зоран Заев на сметка на идентитетот и интересите на граѓаните.
Зоран Заев и Владо Бучковски се пред нов обид за продажба на националните и државните интереси. Тие во преговорите кои тајно ги водат со официјална Софија подготвуваат анекс, писмени гаранции или „патоказ“ со кои ги прифаќаат ултимативните негаторски ставови и со кои широко ќе се отвори вратата на целосна асимилација на Македонците, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска попладне повикува на протест.
– Овие стравувања не се само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на целата јавност и на експертите во Македонија. Впрочем и официјална Софија потврдува дека основен предуслов за тргање на ветото е бугарската Декларација со која се негираат историскиот континуитет на јазикот, идентитетот и антифашистичката борба врз кои се темели нашата државност. За жал на ваквите позиции, Зоран Заев одговара со подготвеност за прифаќање и преговори. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и народот, повторно излегуваат на улица, се додека Заев не го обелодени документот кој што го преговара со Бугарија.
Од денес, па во наредните денови ќе почнат блокади под мотото „Доста е. Излези за Македонија“ во десет градови низ државата, меѓу кои и три локации во Скопје, во времетраење од 15 до 17 часот со цел, како што вели ВМРО-ДПМНЕ, јавноста да дознае какви концесии и отстапки ветил Зоран Заев на сметка на идентитетот и интересите на граѓаните.
Во Скопје блокадите ќе бидат на крстосниците кај Градската болница, кај Мавровка и кај НИП Нова Македонија, но и во Охрид, Битола, Кичево, Штип, Кочани, Кавадарци, Прилеп, Струмица и Велес.
– Ги повикуваме граѓаните да ни се приклучат, затоа што со ваква глува, анационална и неодговорно власт, само со народот на улица можеме да го заштитиме достоинството на Македонија. Истовремено им се извинуваме на граѓаните поради метежот и непријатностите кои евентуално може да се предизвикаат, но Македонија, идентитетот и јазикот македонски се доведени во прашање. Заев е тој кој го создава хаосот во Македонија поради неговите штетни политики кои во континуитет ги води. Да излеземе денес, пред да биде предоцна. Се работи за нашето достоинство, но и за нашата иднина. Го должиме ова на сите генерации кои се втемелиле во македонската државност, но и за сите идни генерации кои заслужиле достоинствена европска иднина – порача опозициската партија.