ВМРО-ДПМНЕ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРОТИВ ПРИЛЕПСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК Донираниот „мерцедес“ не го впишал во општинскиот имот
Очекуваме, надлежното Основно јавно обвинителство – Прилеп, во најбрз рок да ги провери наводите во кривичната пријава, и после комплетирање на доказите и целокупната релевантна документација, да поведе обвинение против градоначалникот Илија Јованоски, вели Петковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп поднесе до прилепското обвинителство кривична пријава против градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, бидејќи како што велат, донирано возило „мерцедес“од здружение не го запишал во сопственост на Општината, вели Влатко Петковски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Општината застапувана од градоначалникот Илија Јованоски, уште во 2018 година склучила договор за донација, во кој договор, Општина Прилеп се јавува како примател на донацијата, додека едно здружение се јавува како давател на донацијата и тоа патничко моторно возило марка „мерцедес“, тогаш проценето приближно на 18.000 евра. Во врска со оваа донација, преземени се сите процедурални дејствија за реализација на донацијата, освен најважното, запишување на сопственоста и преземање на владението на донираното возило во корист на општината – вели Влатко Петковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, после вака преземените дејствија, несомнено Илија Јованоски, требало да ги допревземе останатите дејствија преку кои возилото „мерцедес“, ќе го преземе во владение и ќе го запише како сопственост на Општина Прилеп. На овој начин имотот на Општина Прилеп, останал покус за „мерцедес“, односно за околу 18.000 евра, колку што самиот донатор кажал дека вреди ова возило во моментот на донацијата.
– Очекуваме, надлежното Основно јавно обвинителство – Прилеп, во најбрз рок да ги провери наводите во кривичната пријава, и после комплетирање на доказите и целокупната релевантна документација, да поведе обвинение против градоначалникот Илија Јованоски – рече Петковски.